Можно е да се измени обвинението за нападот врз Села


Новата видео снимка за нападот врз пратеникот Зијади Села што беше прикажана минатата недела во судот ја отвори можноста јавниот обвинител во овој случај во завршните зборови на постапката, што се закажани за денеска, да го измени обвинението.

На минатото рочиште обвинителот Дарко Јакимовски од судот побара повеќе време за да ги  подготви завршните зборови со цел да може да ги вклучи и деловите нотирани на денешното рочиште, поради, како што рече, можност за измена на обвинението.

На снимката прикажана во судот се гледаше како разгневена толпа го тепа Села додека беспомошен лежи на земја, но не само лицата кои веќе се на обвинителна клупа за овој случај, туку и други лица за кои засега нема обвинение.

По завршувањето на доказната постапка во овој случај за денеска се закажани завршните зборови на обвинителството и одбраната.

За случувањата на 27 април обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.(Ф.Ф.С.)