Можат ли да одлучат историчарите сами?


Ерол Ризаов

Можат ли со децении идеологозирани и политизирани историчари, повеќе патриоти отколку научници, да ги исправаат своите грешки, но и на претходниците од кои учеле, ако нивните дела и откритија ги стимулирала, нарачала, прославила и наградила политиката како големи научни достигнувања. Поточно, има ли на Балканот историчари кои можат да им се спротивстават на лагите во томови и томови книги, учебници, историски читанки, преданија и митови кои направиле пустош во свеста на повеќе генерации граѓани. Има ли граѓани на Балканите кои можат да прифатат дека има повеќе вистини, а не само една и дека тоа со што им ја наполниле главата во училиштата за славното минато во голема мера е празна, лесно запалива слама секогаш кога ќе посака политиката.

Максимата политичарите да не пишуваат историја, звучи убаво додека не се осознае илузорноста на ваквата наивна определба, која стаса на Балканот многу доцна и тоа откако обидите за тоа насекаде во светот беа прилично неуспешни. Освен, се разбира, за неколку познати исклучоци. Политичарите велат дека историјата е премногу сериозна работа да им се препушти само на историчарите. А, историчарите сами да одлучат е невозможна мисија, особено кога се работи за спорни прашања меѓу соседни земји кои различно ги толкуваат и изучуваат истите историски настани и личности. Сите на Балканот сакаат пославно минато, добро индоктринирани дека комшијата им го краде и фалсификува и подалечното и поблиското минато.

Во еден ваков амбиент бугарските и македонските историчари и академици се соочуваат секој со своите историски факти, но и со предрасудите и злоупотребите на јавноста повеќе децении со цел да напишат нова историја или, како што велат, да ги исправат грешките и заблудите.

Нема историчар кој не знае дека постои огромна разлика меѓу историјата пишувана за одбрана на едностраните националистички убедувања и она што треба да биде историја. Тоа е прва лекција во оваа наука пред да се изучува, меѓутоа и натаму останува во теоријата како убаво и правилно предупредување кога ќе се тргне во макотрпен поход да се најде вистината за „спорното“ минатото. Дури, на историчарите не им е тешко да признаат гласно дека вистината многу често е неможна во такви ситуации. Тие знаат дека има големи брани и тешки предрасуди кои влијаат на нивните проучувања и оценки, но, исто така, знаат дека ретко ги имаат сите факти што ги бара и признава науката и помошните историски науки.

Националистите и политиката кои ја користат историјата имаат своја цел која е различна од науката. Тие, најчесто, ги злоупотребуваат настаните од минатото како оружје за освојување и задржување на власта, но и за триумф на нивната кауза. Нив најмалку ги интересира вистината, особено ако таа не е баш добра и допадлива. Секогаш може да се измисли поубаво и пославно минато, затоа за нив е важно само нивното толкување на минатото пред широките маси кои сакаат да слушаат приказни за херојските победи и подвизи на своите предци. Додека историчарот работи според научни методи и истражува макотрпно да дојде до сите релевантни факти и да го склопи мозаикот на историските настани, политичарот, особено радикалите, ги селектираат само оние делови од историјата што им одговараат на нивната цел игнорирајќи ги другите, или едноставно бришејќи ги деловите што не одат во прилог на националните возвишени интереси.

Каде настанува курцшлусот кај историчарите да се приклонат кон политиката и кон националните државни интереси, а помалку кон науката? Одговорот е одамна даден и гласи: и историчарите, како и другите луѓе, имаат политички цели и идеологии. И тука работата многу свесно и намерно се прекршува на штета на науката. Ретки се вистинските историчари во светот кои ги признале своите заблуди и грешки, а на Балканот воопшто не е познато дека има такви што ги признале грешките кога фактите не го поддржуваат нивното учење и откритие. Најголемиот број историчари кога ќе се соочат со непријатни докази, кои не одговараат на нивните теории, ја применуваат националистичката доктрина, а тоа е да се игнорираат фактите и веднаш се оди во потрага по нови сознанија и „докази“ за да се потврди нивната вистина за историските настани и личности.

Историчарите прават интелектуални грешки, но од тие грешки националистите прават извонредни оправдувања за тешки злосторства. Тоа предизвика на Балканот да се произведува најмногу историја, сиромаштија, примитивизам и омраза по глава на жител, големи страдања кои немаат врска со докажаните научни принципи на истражување на историјата.

Може да се претпостави до каде ќе стасаат историчарите и академиците од Македонија и од Бугарија кои во својство на комисија нарачана и составена по избор на политиката веќе работи на отстранување на заблудите и грешките во заедничката историја, или поточно кажано на историски настани и личности кои двете страни ги сметаат како свои и како своја историја. Во вакви сложени и деликатни ситуации, ако се тргне од принципите на историчарите од Франција и од Германија кои напишаа заеднички учебници за учениците во двете земји и за двата народа за меѓусебните војни во кои имаше милиони мртви и стравотни разорувања, тогаш и научниците од Македонија и Бугарија можат да напишат историја ослободена од омраза и идеологија.

Добра научно издржана историја може да се пишува и за спорни настани само кога се разгледуваат двете страни на историските аргументи и факти. Тоа може да се случи ако македонските и бугарските историчари ги надраснат своите предрасуди. Тешко е да се напише добра историја со аргументи за историските настани и личности кои научниците во својство на преговарачи ги сметаат само за свои на еден непознат начин во науката тргнувајќи од паролата: тоа што е наше е наше и тоа не е спорно, а тоа што ваше е заедничко. Таа работа да се пишува заедничка историја, или да се исправа историјата под диктат да биде прифатена под притисок на политиката како предуслов за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ, и да се случи нема да чини и нема да го издржи тестот на времето.

Сосема друга работа е исправање на искривувањето на историјата присутно и на двете страни, отфрлањето на идеологијата од науката и бришењето на јазикот од учебниците кој произведува омраза меѓу народите денес за настани во минатото. Во пишаните истории, било да се учебници или научни дела, мора да доминира одамна познатиот речник на историската наука. Со повисоки дострели на демократијата и европеизација на Балканот научните аргументи и докази стануваат многу подостапни и поприфатливи отколку утврдување на научни вистини од комисии на политиката.