Модна ревија „Убави сме, свои сме“ во Струмица : Одбележан денот на лицата со попреченост


Децата со попреченост како манекени, придружувани на пистата од локални советници, новинари, адвокати и пејачи, во Струмица измамија големи аплаузи од публиката и гостите од сите сфери на живеење. Клубот „Индустријал“ беше претесен за сите сите што требаа да ја видат и да ја чујат пораката што ја испратија  малите манекени, облечени во облека од бутиците во Струмица, по повод 3 декември – Денот на лицата со попреченост.

Собраните средства од влезниците се наменети за здружението за помош и поддршка на лицата со Даунов синдром, “Вера“ од Струмица“, кое секоја година го организира настанот. Годинава, покровител на ревијата беше Зорица Заева, сопругата на премиерот Зоран Заев, која излезе на пистата заедно со Цако, момче со Даунов синдром.

“Од сѐ срце прифатив да чекорам по модната писта заедно со децата со цел да се подигне јавната свест за лицата со ретки состојби. Сите ние мора да се вклучиме во интеграцијата на овие лица во општеството и да се бориме за нивно прифаќање. Моја поддршка за сите нив и апел за прифаќање на различностите“, изјави Заева пред ревијата .