МНР потврди: Двајца од седумте загинати во Србија се наши државјани


Министерството за надворешни работи ја потврди трагичната вест од Србија, според која двајца македонски државјани загинаа во страотната сообраќајка што утрово се случи на автопатот Белград – Ниш во двата правци, на речиси исто место и во исто време. Нивниот идентитет не го објавуваат, но како што соопштија српските медиуми, станува збор за Бурим Д. и Љуљдим Р., двајцата на возраст од 37 години.

Според извештаите на тамошните весници, во првата несреќа околу 7.15 часот, во близина на Јагодина, учествувале десетина возила, при што два камиона се запалиле и изгореле. Во тој судир загинале четири лица, а десетина се повредени.

Другиот судир се случил на истото место, но во другиот правец, од Ниш кон Белград. Во таа несреќа настрадале три лица, а повредени се петнаесетина. Во судирот учествувале девет камиони и неколку автомобили.

Медиумите ги пренесуваат стравичните сведочења на очевидците, кои раскажуваат дека имало крв насекаде, изгорени возила, смачкани автомобили, лелеци на болка и на очај.

„Се движев во правец од Ниш, возев со нормална брзина. Имаше магла, ама ништо страшно. Штом ја минав Морава – како ѕид да се створи пред мене. Маглата беше како тесто. Ништо не се гледаше. Почнав да кочам, удрив во камион што беше пред мене. Не беше опасно, но веќе во наредната секунда почувствував дека возило се заби во мене. Излегов, жената што возеше беше мртва. Возилата продолжија да се удираат“, сведочи очевидец.

Екипи на противпожарната единица со часови се обидувале да ги исечат возилата и да ги извлечат жртвите. Повредените се пренесени во болниците во Јагодина и во Ќуприја.

„Загинати се петмина српски и двајца македонски државјани. Меѓу Србите, загина судијка во Апелацискиот суд во Белград и нејзиниот сопруг адвокат“, пишува „Блиц“.