МНР: Квалитетот на договорот за името е поважен од роковите


Не треба да се брза со текстот на договорот за името, бидејќи квалитетот нарешението е поважен од тоа во кој рок ќе финишира процесот. Со ваков став излезе предмалку македонското Министерство за надворешни работи. Оттаму нагласуваат дека ова е деликатен момент во процесот за надминување на разликата околу името меѓу Македонија и Грција,кои постигнале добри резултати за време на разговорите.

„Во текот на разговорите, беше покажана добра волја и беше постигнат добар резултат. Во овој момент, како и во секој процес од ваква природа, потребно е таа добра волја да се преточи од страна на работните групи во текст на договор, што на најсоодветен начин ќе ги отслика суштинските параметри од постигнатото политичко разбирање меѓу двете страни. Македонија посакува и интензивно работи тоа да се случи што побрзо до претстојниот состанок на Европскиот совет, воедно укажувајќи дека за вака значајни прашања не треба да се брза. Квалитетот на текстот на договорот и потребата од постигнување на трајно и одржливо решение прифатливо за двете страни, се далеку поважни од потребата процесот да се финализира во каков било рок“, се наведува во соопштението од МНР, упатено, како што е наведено, до домашната и меѓународната јавност.