Мијалков му ја тресе или му ја зацврстува фотелјата на Мицкоски


Во понеделникот вечерта, претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Лука Кржалоски, со својата екипа беше во Струмица, каде што ја проследи изложбата и документарниот филм за револуционерите од тој дел на Македонија. Триесетина часа подоцна, лидерот на младите вмровци поднесе оставка. За неа размислувал долго и сериозно, но морал да ги следи вредностите во кои верувал.
„За жал, стигнав до заклучок, кој сум убеден дека го споделува и пошироката јавност, а особено младиот сегмент од популацијата, дека во последниот период партијата е преокупирана со дневна политика, популизам и задоволување на интересите на една мала група луѓе. Покрај тоа што моменталното раководство имаше скоро цела една година да излезе со една сеопфатна стратегија за одговарање на горливите прашања, тоа не само што не се случи, туку и ништо не навестува дека ќе дојде до промена на курсот. Дополнително, гледаме дека има континуирано влошување на односите со клучните меѓународни фактори, кои, сакале ние да признаеме или не, имаат огромно влијание врз политичкиот живот во нашата држава и во поширокиот балкански регион“, подвлекува Кржалоски.

Рангелова нема да биде исклучена
Неговата оставка е продолжение на серијата заминувања во Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ на чело со претседателката Даниела Рангелова. Нивните оставки ќе бидат констатирани во извршниот комитет и ќе почне да се разгледува кој ќе ги замени. Според информациите на „Независен весник“, најдобра стартна позиција имаат Слободанка Алексовска, која е поранешен директор на Агенцијата за вработување, како и Ане Лашкоска и Дафина Стојаноска, кои се единствените пратеници од актуелниот состав што се членови на извршниот комитет. Сепак, во ВМРО-ДПМНЕ велат дека е рано да се шпекулира оставајќи простор и за други кандидати, кои во моментов не се во фокусот на јавноста. Некои би прокоментирале дека ќе се почека уште некој ден за да се види кога ќе запре „цунамито“ со оставки, односно кој останува лојален, па потоа да се делат функции.
„Ќе биде распишан конкурс, процедурата ќе трае најмалку еден месец“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Рангелова, пак, преку медиумите испрати порака дека се срами од своите говори пред неколку години, дека партијата во моментов се движи кон целосна изолација, дека на референдумот требало да се излезе и да се гласа, дека се срами што станала од местото кога во Собранието се гласало за уставните измени, со плачење си заминала дома… Всушност, фрли дрва и камења по актуелното раководство што нејзините противници едвај го дочекаа за да ја потсетат оти лично работела за промоција на Христијан Мицкоски за нов претседател, па дури и беше меѓу организаторите на валандовскиот конгрес. Рангелова останува во партијата и нема да гласа за уставните измени, што е противречно од нејзините уверувања за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО.
„Не планираме да ја исклучиме од партијата, нема причина за тоа“, тврдат од белиот дворец.

Јанчев – вмровска верзија на Заев
Сепак, бранот оставки што следуваат по серијата исклучувања ја отвораат Пандорината кутија и кога е во прашање лидерството на партијата. Според едни извори од партијата, станува збор за одмазда на исклучениот Сашо Мијалков, кој и натаму има голема моќ и влијание врз членството. Според овие претпоставки, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање сака да ја ослабне моќта на Мицкоски на чело на партијата и со тоа да предизвика услови за свикување вонреден конгрес на кој ќе се побара негова смена. Во моментов, силата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е сведена на минимум имајќи предвид дека контролираат триесетина народни избраници кои немаат влијание врз парламентарните процеси, а неизвесно е дали ќе има и натамошно раситнување. Покрај тоа, се проретчува и извршниот комитет. Рангелова и Кржалоски, кои поради челните функции во УЖ и УМС беа дел од ИК, оставија празен простор, па заедно со исклучените Митко Јанчев и Костадин Богданов видно го намалија комитетот, поради што не се отфрла и целосно распуштање со цел да биде формиран нов по мерак на Мицкоски. Овој досегашниот, како и централниот комитет, како што се оценува, бил креиран со асистенција на Мијалков и на Груевски, кои лани отворено беа на страната на Мицкоски и практично го донесоа на претседателското место.
Интересен е контекстот во кој се доведуваат последните случувања во партијата. Се зборува дека воденицата се тера кон разрешениот потпретседател, Митко Јанчев, кој во изјава за „Независен весник“ потврди оти би прифатил да биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ доколку види дека има тим со визија. Поради јавниот конфликт со новото раководство и јасно декларираниот став оти бојкотот на референдумот е спротивен на интересите на партијата и на државата, има бланко поддршка од меѓународниот фактор, кој во газдата на „Кожувчанка“ гледа прозападен лидер. Во јавноста веќе се влечат паралели меѓу Јанчев и Заев, имајќи предвид оти двајцата доаѓаат од внатрешноста на земјата, успешни бизнисмени се, а во политиката влегуваат преку градоначалничките функции. Сепак, треба да се напомене дека Заев беше „татко“ на Струмица од 2005 година, а потоа и пратеник во парламентот за да стигне до лидерската позиција на СДСМ по падот на Бранко Црвенковски. Јанчев, пак, лани изненадувачки победи во Кавадарци во моменти кога Никола Груевски ги броеше последните часови на чело на ВМРО-ДПМНЕ, а партијата доживеа вистински дебакл на локалните избори. Само неколку месеци подоцна, Мицкоски го назначи за свој заменик.
Но приврзаниците на актуелниот лидер не гледаат никаква опасност за негова смена и напоменуваат дека сега му е отворен патот на Мицкоски да постави свои луѓе на челните позиции во УЖ и УМС, како и на другите раководни места во партијата.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски