Мијалков и „алфите“ велат дека се невини за апсењето на Бошкоски


По седум години од апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, тркалото се сврте. Тогашниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков и командантот на „алфите“, Ивица Анчевски-Пуки заедно со петмина припадници на единицата седнаа на обвинителната клупа и против нив почна судскиот процес за суровото и брутално апсење на Бошкоски.

Љубе Бошкоски со својот полномошник, Константин Кратовалиев, седнат од едната страна на судницата ги слушаше Мијалков и „алфите“, седнати со своите адвокати на другата страна на судницата, дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар – „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“.

Ниту еден од обвинетите не го призна делото, сите рекоа дека се невини, не дадоа воведни говори, туку се повикаа на воведните говори на своите адвокати.

„Разбрав за што сум обвинет. За кривичното дело што ми се става на товар апсолутно не се чувствувам виновен. Ги прифаќам воведните говори на адвокатите. Ги опфатија речиси сите аспекти во оваа фаза на постапката. Немам што да додадам“, рече Мијалков во судот.

И поранешниот командант на „алфите“, Анчевски-Пуки рече дека не се чувствува виновен. Тој сакаше да каже пред судот нешто дополнително, но за тоа рече ќе се изјасни при неговиот распит.

Љубе Бошкоски, кој на своите судења читаше поезија и постојано комуницираше со јавноста, денеска беше смирен. Пред судот рече дека се приклучува на она што го кажа обвинителот од Специјалното јавно обвинителство и на она што го кажа неговиот полномошник, Кратовалиев. Не откри колкава штета ќе бара за претрпената душевна болка, а во изјава по рочиштето рече дека бројката не е битна.

„Тоа е сега најмалку битно, не сме тука за материјалната штета, тука сме за штетата што ни е нанесена мене, на моето семејство, на мојата политичка партија во овој полициско-политички монтиран процес, за кој се изјасни целиот демократски свет, Стејт департментот, невладините организации како што се Хјуман рајтс воч, Амнести интернешенел, а денеска зборуваат за невиноста, за несторување на кривичното дело. Јас се надевам дека судот во една праведна, правична постапка ќе го докаже спротивното“, рече Бошкоски.

Бошкоски препорачува исказите на Мијалков и на припадниците на „алфите“ дека не се чувствуваат виновни да ги оцени лекар, психијатар.

„Тоа е можеби прашање за нив, за нивната совест, можеби се во паника. Јас навистина не можам да одговарам, ова е повеќе прашање за стручњаци од областа на психијатријата“, рече Бошкоски.

Специјалното јавно обвинителство го товари Мијалков дека со бруталното апсење сакал да му се одмазди на политичкиот опонент поради политичките пораки кои му ги испраќаше за време на изборната кампања во 2011 година.

Сашо Мијалков и поранешниот премиер Никола Груевски беа имињата што Бошкоски најмногу ги споменуваше за време на изборната кампања која се водеше за парламентарните избори во 2011 година. Тогашната власт ја нарекуваше „злосторничко здружение“, „бандо криминална“, Груевски го нарекуваше „лопатару еден“, а на Мијалков му порачуваше „летај Саша“, „плови Саша“.

На прес-конференциите тој обвинуваше дека Мијалков заедно со Груевски и други функционери на власта изнесувале огромни суми пари од Македонија преку „Чех ерлајнс“ кои завршувале во чешка банка.

Еден ден по победата на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Бошкоски беше фатен со 100.000 евра и уапсен во центарот во Скопје во ресторанот „Воденица“. Апсењето го снимаа речиси сите телевизии, а од објавените незаконско прислушувани разговори се слуша дека Мијалков се подготвувал да го апси Бошкоски уште за време на кампањата, а на уредници и газди на тогаш провладините телевизии им вели да пуштаат снимки на кои се гледа како Бошкоски понижувачки се апси.

Анчевски според обвинението им наредил на „алфите“ да го легнат долу и да го уапсат. „Шефот ми рече, шефот ми рече осум години затвор не ти бегаат“, „Нека лежи ѓубрето“, „Ајде сега нека лае против шефот“, му викале додека го апселе. Еден од нив му го ставил пиштолот на образ и му порачал: „Бел ден нема да видиш“.

Според СЈО, полициските службеници Анчевски, Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Боцевски и Метуш Шабани ја прекршиле Уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје. Обвинителот порача дека физичкиот и моралниот интегритет, според Уставот, се неприкосновени.

„При спроведување на правдата не треба да се дозволи неправда, а уште помалку таа да не биде казнета. Филмските записи без глас не се секогаш неми“, рече обвинителот.

СЈО ќе го докажува обвинението со неколку видеоснимки од телевизии, снимки од Министерството за внатрешни работи, со исказ на Љубе Бошкоски и други сведоци и со незаконски прислушуваните разговори.

Одбраната, пак, на обвинетите повторно се повика на аболицијата што ја донесе претседателот Ѓорге Иванов. Со аболицијата не бил опфатен само Боцевски, сите други се помилувани и според одбраната ослободени од кривична одговорност.

Адвокатот Петар Василев побара од СЈО да ја запре истрагата и судот да донесе ослободителна пресуда. „Ако судот и обвинителството одлучат да ја водат оваа постапка, тврдам дека ризикуваат да ги прекршат законот и Уставот и тврдам дека неосновано ќе го оштетат буџетот со водење на постапка за лица кои се ослободени од кривична одговорност“, рече Василев.

Адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, пак, ќе докажува дека тој не презел ниту едно дејствие за поттикнување и дека во самиот обвинителен акт погрешно е применет терминот наведување, бидејќи вакво дело немало во Законот за кривична постапка.

Дејствијата од разговорите, според Шврговски, се направени по апсењето, а не претходно, за поттикнување. Освен тоа, тие ќе докажуваат дека Бошкоски давал и отпор за време на апсењето што го извршиле „алфите“, кои имаат обврска да лишуваат лица од слобода.

„Ќе докажеме дека Бошкоски претрпел душевна болка, но не поради ‘алфите’, туку затоа што е фатен како врши кривично дело“, рече адвокатот на дел од обвинетите, Миле Петровски.

Дали Бошкоски давал отпор или не, ќе се види кога ќе се прикажуваат видеоснимките во судницата. Бошкоски за овој случај наречен „Кампања“ беше осуден на седум години затвор за незаконско финансирање на кампањата. Апелацискиот суд му ја намали казната на пет години.

Сега Бошкоски е советник во владата на Зоран Заев. Вели дека негова задача сега е да привлекува странски инвеститори како бизнисмен кој има контакти во Западна Европа. Поранешниот командант на „алфите“ и другите полициски службеници се сè уште вработени во МВР.

Фросина Факова – Серафиновиќ