Мицкоски: Јас имам план


Христијан Мицкоски ќе биде единствен сериозен кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на конгресот во Валандово, закажан за утре и за задутре. Од партијата велат дека до нив стигнале две кандидатури, без да ги соопштат имињата.

Нашите информации говорат дека единствено Мицкоски го испочитувал предвидениот рок за пријавување до 15 часот, но, поради страв од реакции на јавноста за недемократски карактер на конгресот, во последен момент е одлучено да се оди со уште едно име, кое треба да биде доказ за отвореноста во самата партијата. Останатите потенцијални наследници на Никола Груевски, чии имиња се споменуваа во јавноста, одбија да поднесат кандидатури, главно незадоволни од начинот на кој е организиран конгресот, како и поради фаворизирањето на Мицкоски од страна на врвот на партијата. Конгрес ќе има и не е прифатено барањето на поранешни и актуелни партиски функционери, кои преку писмен допис побараа низа мерки за демократизација на партијата и создавање фер и рамноправни услови за сите кандидати, место тоа што се случува сега, целата партиска машинерија да биде ставена во функција на една личност. Поради тоа, неизвесно е што ќе се случува понатаму во најголемата опозициска партија, имајќи предвид дека многумина најавија дека нема да присуствуваат на конгресот ниту, пак, ќе ги признаат резултатите и извесното прогласување на Христијан Мицкоски за нов претседател.

Тој, пак, вчера се огласи на Фејсбук, напоменувајќи дека Македонија минува низ сериозна бура, пропратена со сериозни предизвици, на економски, политички и на општествен план.

Главното прашање што пристигнува овие денови до мене е што сега? Во изминатиот период голем дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, членови на партиската структура, членови на општинските и месните комитети, но и огромен број обични граѓани ми изразија поддршка и охрабрување да преземам чекор. И јас, со чиста мисла, со голема верба и со отворено срце ќе ја прифатам одговорноста да поднесам кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се избере на 16. конгрес во Валандово. Ова за мене лично е една од најсериозните одлуки во животот, целосно разбирајќи ја тежината, честа, но и одговорноста да се води партијата која е вградена во кодот на Македонецот и македонската држава и која ќе остане еден од главните темели на нашата татковина. Никогаш во животот не сум бегал од предизвици, а овој, можеби е мојот најголем, и јас тој го прифаќам“, вели Мицкоски.

Тој потенцира дека можел да одбере да остане професор на факултет, или пак да продолжи да работи во научната област, но не можел да остане рамнодушен на болното секојдневие на македонскиот граѓанин.

Мојата кандидатура е широко понудена рака за секој кој сака да биде дел од тимот кој ќе ја создава визијата и ќе го реализира сонот за победничка и економски напредна Македонија. Јас имам план“, нагласува Мицкоски.

Тензично било на завчерашната седница на ИК, која траела до три часот по полноќ. Присуствувале само 17 од 32 члена, и меѓу другите отсуствувале Никола Попоски и Никола Тодоров. Пратениците Илија Димовски и Антонијо Милошоски, кои стојат зад писмото, инсистирале конгресот да не се одржи, односно да се одложи за два месеца, а за тоа време партијата да ја води колективно претседателство од три до пет члена. Тие тврделе дека се сака набрзина да се организира состанокот и да се избере предодреден кандидат, а на делегатите да не им се вршат притисоци и закани. Од другата страна, тврдат функционери на партијата, биле Мицкоски и Груевски. Генсекот тврдел дека притисоци нема, оти целата постапка била легитимна и фер, додека лидерот во оставка повторувал дека не фаворизира никого, дека колективно претседателство не е можно и го нема во статусот и оти конгресот бил закажан претходно, и тоа едногласно. Дел од членовите на ИК предложиле да се најде компромис меѓу двете струи, но, иако Димовски и Милошоски покажале подготвеност, Мицкоски и Груевски не сакале да слушнат за тоа. По осумчасовна дискусија, секој останал на својата страна, па се преминало на гласање. Дванаесет члена гласале да се одржи конгресот, Милошоски и Димовски биле против, а Александар Николоски, Зоран Ставрески и Зекир Рамчиловиќ – воздржани. Присутните си заминале во коректна атмосфера, а бидејќи било многу доцна, не се разговарало за идните чекори. Се шпекулира дека Милошоски воопшто нема да оди во Валандово, додека Димовски сѐ уште не одлучил што да прави.

Како што најави во интервјуто за „Независен весник“, Филип Петровски не поднесе кандидатура, иако прв ја најави.

Не планирам со моето присуство да му дадам легитимитет на конгресот. Тоа е приватна забава за Груевски, нема никакви услови да се води дискусија. Фарса“, ни изјави Петровски.

Се огласи и поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој важеше за сериозен кандидат за претседател. Тој објасни дека дал оставка само во ИК, а не и во партијата.

Оставката од ИК ја поднесов поради разликите во видувањата за изборните резултати, разликите околу начинот на носење долгорочни одлуки и чувството дека тие водат кон внатрепартиски поделби, кои воопшто не ни се потребни. Ценам дека задржувањето на единството и фокусот на повисоки цели мора да биде над чии било лични амбиции. Член сум во неколку партиски републички комисии, и тоа во комисиите за надворешни работи, за европски работи и за одбрана. Останувам посветен на задржување на единството меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ и реализација на заедничките цели во интерес на Македонија и нејзините граѓани“, вели Попоски.

Пред 15 часот, кога беше последниот рок за пријавување, пред седиштето на партијата се појави гостиварецот Јовица Страшевски, кој истакна дека собрал 33 потписи и со тоа ги исполнува условите за кандидирање, но тоа не го сторил бидејќи не сакал да создаде раскол во партијата.

На конгресот во Валандово право на глас имаат 544 делегати, иако прашање е колку ќе присуствуваат. Некои се притворени, други се револтирани од внатрепартиските случувања, трети со години не се активни во партијата… Како и да е, во малиот град на југот од земјава, како што информира нашиот дописник, нема слободен кревет, угостителските објекти се полни, па се бараат хотели во Струмица и во Дојран. Обезбеден е паркинг-простор за 600 возила, улиците се исчистени и украсени, се кастрат дрвјата, обезбедено е греење во салата каде што ќе се одржи конгресот, ќе функционира прес-соба за медиумите. Општинските власти се трудат да го нашминкаат градот бидејќи, како што велат, освен „Фолк-фест Валандово“ – ова е најголемиот настан што се одржува во нивниот град. Веќе од недела парадата ќе заврши, Валандово ќе се разбуди празно, а ВМРО-ДПМНЕ со нов претседател и со неизвесна иднина.

Горан Адамовски