Мицкоски повторно побара амнестија за 27 април


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го искористи денешниот говор на протестниот собир во Струмица да повика уште еднаш на амнестија на осудените или осомничени за настаните на 27 април за Македонија да продолжела напред. Мицкоски како и во неколкуте последни дена, тврдеше дека пресудите за обидот за убиство на Зијадин Села биле политички реваншизам.

„И не заборавајте никогаш дека има невини луѓе по затворите, затоа ште се воделе од идеја и чесна мисла и единствен мотив им била нивната татковина, Република Македонија. И на ова лудило на политички реваншизам мора еднаш да му дојде крајот, затоа што премногу долго се делиме на ваши и наши, на Македонци, и помалку Македонци и затоа е потребна амнестија за луѓето од 27 април, затоа што мораме да продолжиме напред, а нема напред ако живееме во минатото“, вели Мицкоски. Според него, истрагата и процесите биле конструирана хајка.

„Станува збор за пет пратеници кои имале чесна мисла и идеја и единствен мотив по кој се воделе биле интересите на Македонија. Не ги заборавам ниту другите браќа и сестри. Бараме амнестија за 27 април така што конечно ќе завршат поделбите на Македонци и помалку Македонци“, рече Мицкоски.

Тој повторно го осуди Договорот со Грција како предавнички, обвинувајќи го премиерот Зоран Заев дека ги штител грчките интереси а не македонските.