Мицкоски: Останува старото решение за избор на ДИК


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека на лидерската средба е постигнат договор за Законот за финансирање на политички партии, техничка влада по Пржинскиот модел пред какви било избори и за изборот на ДИК. Попладнево на разговорот ќе биде отворено прашањето за референдумот и референдумското прашање.

После неколучасовни разговори денеска, но и на претходната средба владејачкото мнозинство, односно Владата се согласи на позициите на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е дека е неопходно носење на закон за финансирање на политички партии, исто така измени на Законот за Влада што подразбира формирање на техничка влада по Пржинскиот концепт, услови што всушност опозицијата ги имаше во декември 2016 година, ни повеќе ни помалку. Исто така се согласивме процедурата која што беше почната за формирање на ДИК со измени на Изборниот законик за менување на бројот на пратеници кои ќе гласаат, односно наместо двотретинско да биде со вкупниот број на пратеници, ќе се повлече, ќе се врати старото решение, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРОДПМНЕ, исто како и претходно премиерот Зоран Заев, кажа дека досега не станало збор за референдумот или за референдумското прашање оти тоа ќе биде тема на продолжението на разговорите попладнево.

Според Мицкоски, важно е да се посочи дека она што е постигнато како договор во првиот дел од денот се гарантира еден успешен изборен процес кога и да се случи тој, дали тоа ќе бидат предвремени или редовни избори.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски демантираше дека на лидерските средби било разговарано за членот 353 од Кривичниот законик.

– Никогаш ниту сме разговарале ниту сме дискутирале на таа тема, рече Мицкоски, оценувајќи дека тоа бил обид од страна на владејачкото мнозинство да го сврти вниманието од реалните теми и штетниот договор што ги имаат потпишано со Грција, доделување на тендери и друго.