Мицкоски од Гостивар: Жестоко ќе го поразиме СДСМ на претседателските избори


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва на трибината во Гостивар рече дека ќе победат на следните парламентарни избори без разлика дали тие биле редовни или вонредни и дека на претстојните претседателски избори ќе излезат со кандидат со кој ќе го поразат СДСМ.

„Оваа ненародна и криминална власт на СДСМ предводена со аболицираниот криминалец Зоран Заев тргува со најсветата работа во една држава – со Уставот само за да ги спасат и времено да ги продолжат нивните политички кариери. Не се свесни дека многу скоро ќе им дојде крајот, но и казната за се, за сето она понижување, плачкосување и навредување што и го направија на својата татковина. Но, не пред Кацарска, туку пред вистинско европско судство со примена на европските закони. И покрај целокупниот политички терор, закани и уцени и врз мене и моето семејство и врз ВМРО-ДПМНЕ, ние сме се порешителни и поподготвени да ги поразиме на следните парламентарни избори без разлика дали тие ќе бидат редовни или вонредни. Уште оваа пролет на претседателските избори, ние ќе излеземе со кандидат со кој жестоко ќе го поразиме кандидатот на СДСМ“, порача Мицкоски од Гостивар.

Во своето обраќање на трибината организирана од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски се осврна и на младите и рече дека имаат повеќе активности за подобрување на нивната состојба како што се креирање на добро платени работни места преку соработка со странски и домашни инвеститори,  стипендии за талентирани, како и гарантирани 500 работни места за најдобрите студенти од генерациите во државните универзитети во земјава.