Мицкоски не оди на конференција на ЕПП во Брисел


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нема да присуствува на конференцијата на високо ниво што ја организира Европската народна партија на 16 октомври во Брисел. Темата на конференцијата – „ЕУ- Западен Балкан: Како да ја изградиме нашата заедничка иднина“ – е во насока да се истакне поддршката на најголемата група партии за европските интеграции на регионот.

Клучната порака на конференција, според соопштението, е поддршката на дијалогот на ЕПП со земјите од регионот, оценувајќи го напредокот на поединечните земји според нивните индивидуални постигнувања. И дека ЕПП ќе ја продолжи целосната поддршка за демократизацијата и модернизацијата на земјите кон членството на ЕУ.

На конференцијата, со која ќе претседава шефот на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент и еден од најсериозните кандидати за иден претседател на Европската комисија, Манфред Вебер, ќе има два панели на кои ќе зборуваат двајца истакнати пратеници: Елмар Брок и Едуард Кукан.

Излагањата на многуте влијателни политичари од ЕПП ќе ги слушнат лидерите на народните партии од регионот кои се членки на ЕПП – Александар Вучиќ од Србија, Бакир Изетбеговиќ од БиХ, Љуљзим Баша од Албанија, но нема да биде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Македонската опозициска партија ќе ја претставува нејзиниот потпретседател Александар Николоски.

Конференцијата ќе заврши со излагања на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и претседателот на ЕПП, Жозеф Дол.
ЕПП последниве денови изврши голем притисок врз Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ да учествува во донесувањето на уставните амандмани. Жозеф Дол соопшти дека е разочаран од неконструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ во однос на европската иднина на Македонија. Забележливо е и изолирањето на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на ЕПП. (П.Р.)