Мицкоски ќе протестира за името


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека го задржува своето право на мирно протести против промената на уставното име на Република Македонија. Тој повика на достоинствени протести и апелираше до граѓаните да не подлегнуваат на провокации.

Тој повтори дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во собраниската расправа за прифаќање на уставните измени, бидејќи договорот од Преспа е штетен, а двотретинската поддршка е обезбедена благодарејќи на Основното и на Специјалното обвинителство, кои со своите случаи ги принудија пратениците од опозицијата да гласаат „за“.

Претходно, генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацоски рече дека власта ги има потребните 80 гласа. Имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во расправа, можно е гласањето да биде уште во петок.

Седницата е одложена за 16 часот поради оставката на пратеникот од СДСМ, Томислав Тунтев.

Пред Собранието се одржува протест против промената на името.