Мицкоски му дава една година на Заев


Пораката е испратена. Пораката на народот на Македонија. Почнува паѓањето на СДСМ. Народот се буди. Не можат вечно да го лажат и да го плашат народот. Ова е негова земја. Одличен и моќен народен собир. Честитки до сите“, напиша поранешниот премиер Никола Груевски по завчерашниот протест на опозицијата пред седиштето на Владата во Скопје. Екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, не се појави на „Илинденска“ и веројатно затоа не можеше да види дека неговите сопартијци и симпатизери не го делат чувството на еуфорија. Новиот претседател Христијан Мицкоски се заколна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на предвремени парламентарни избори, но прв впечаток е за да се случи тоа, ќе треба уште многу работа во сопствените редови, а потоа и да се допре до неутралните и разочарани гласачи.

Како и секогаш, тешко е да се процени колку луѓе се собраа во пријатната саботна вечер во центарот на Скопје. Најоптимистичките бројки во ВМРО-ДПМНЕ говорат за шеесетина илјади присутни, реалноста веројатно не е таква. Бината беше поставена на семафорите кон стадионот, така што граѓаните мораа да се позиционираат од спротивната страна. Народ имаше сѐ до крајот на мостот „Гоце Делчев“. Автобуси пристигнаа од целата земја, граѓаните се жалеа дека полицијата употребувала „финти“ што ги користи секоја власт: вонредни технички прегледи, легитимација на тие што патуваат кон Скопје, репресии… ВМРО-ДПМНЕ се обиде да покаже обединетост зашто, како што рекоа, „прв и најважен противник ни се Заев и СДСМ, да ги тргнеме, па после ќе се разбереме меѓу нас“. На собирот дојдоа и пратениците што се на спротивна линија од Мицкоски (Илија Димовски и Антонио Милошоски), Сашо Мијалков и Мартин Протоѓер, се појавија и коалициските партнери на чело со Стевчо Јакимовски, видливи беа и транспарентни на Социјалистичката партија, чии тројца пратеници играат топло-ладно со односот кон опозицијата и кон власта. Сепак, не добија поддршка од фракционерското крило што го предводат Филип Петровски и Јове Кекеновски.

Андријана Јаневска ја загреваше атмосферата пеејќи патриотски песни, по што на видеобимот се изменуваа пораките од унгарскиот премиер Виктор Орбан и претседателот на европските народни партии, Жозеф Дол, кои изразија поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. На една минута пред 21 часот, со звуците на химната на ВМРО и со запалени факели, на сцената се искачи Мицкоски. Кореографија што не се менува со години. Помалку срамежливо, се слушнаа скандирања „Христијан, Христијан“. Очигледно е дека ќе треба да помине подолго време за да се „запознаат“ членството и новиот претседател, кој и самиот беше импресиониран од настанот, па премногу гласно и со треперлив глас го започна говорот. Потоа се опушти. Подоцна, од партијата ни рекоа дека имало проблеми со озвучувањето. Една од клучните пораки беше дека бараат одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските идната година напролет. Побара еднаков терен за сите политички партии, претседател на ДИК на предлог на опозицијата, формирање техничка влада на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, исто како што беше во 2016 година кога, како што кажа, СДСМ и нејзиниот претседател Зоран Заев ги изгубија изборите. За спорот за името со Грција, Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име.

Од ова појасен став нема. Историјата ќе суди кој бил во право. Ова е историски период за сите нас, крстосница на која се наоѓаме во нашето битисување и во нашата историја, се решава прашањето за името. Многумина го очекуваат нашиот став за овој проблем и јас овде пред вас немам друга опција освен да бидам искрен и отворен“, рече Мицковски.

Тој обвини дека разговорите за името се водат тајно и нетранспарентно, а информациите за нивниот тек најчесто доаѓаат од грчките медиуми.

Некој што е власт во земјата си игра до достоинството и го распродава евтино иако е бесценето. Заев кажуваше дека нема промена на Уставот и дека ќе го заштитат идентитетот. Како поминува времето, сега вели дека промената на Уставот не е промена на идентитетот. Се договора промена на името и сите ќе нѐ именуваат со новото име. Ќе се направи непоправлива штета за која ќе нема назад“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Потсети дека НАТО и ЕУ се вечен стремеж, но промените во државата мора да почнат од нас самите. Рече дека на Македонија и треба и реформиран, одговорен и квалитетен СДСМ каде што, како што кажа, има многу луѓе кои не се согласуваат со ова што се случува, каде што има квалитетни луѓе кои можат да придонесат за доброто на Македонија, но прво мора да се порази Заев. Изминатата година откако СДСМ е на власт ја оцени како пропуштена, година на политички терор, апсења, упади, тортура, економски неуспеси.

На Албанците, исто како и на Македонците, им треба нови работни места, а не противуставни закони за јазици“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека партијата работи на новата програма која ќе биде нивен патоказ и која наскоро ќе биде промовирана. Се предвидува намалување на данокот на добивка за фирмите на половина, за оние кои втората половина ќе ја искористат за инвестиција и нови работни места, укинување на зголемената акциза за дизел горивата, реконструкции, изградба на нови болници и масовно вложување во медицинскиот кадар, директна понуда за вработување на најдобрите 500 студенти секоја учебна година…

Патриотите се во затвор, а криминалците на слобода“, извика Мицкоски.

Всушност, тоа беше единствената реченица што се однесуваше на изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и настаните што следуваа потоа. Не беа споменати ниту пресудата и случаите против Груевски, Законот за јазици, договорот со Бугарија… Фокусот беше ставен на „криминалите на Заев и фамилијата“, кои беа исвиркувани кога и да беа спомнати.

Апсолутно сме задоволни од протестот. Имавме бројка над очекувањата, натфрлање на бројките во сите поголеми градови од тоа што очекувавме. Овој митинг го правиме со само пет месеци од нов претседател и во тешки услови за нас (страв кај луѓето, репресии…). Мицкоски, како за деби-говор од тие размери, беше одличен со силна интерпретација“, коментираат во белиот дворец.

Од друга страна, фракционерот Петровски смета дека членството било измамено.

Откако заклучија дека нема да има интерес за економски тези, темите ги сменија со патриотски. Повикот кој беше испратен до членството беше со теми како тиранска платформа и промената на името. За жал, тоа не беше тема и во говорот на нелегитимниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту еднаш не беше споменат Талат Џафери и насилното однесување. Не бевме именувани како Македонци, туку околу триесет пати како сограѓани. Вордингот е внимателно избиран да не се налутат странците и да ни покажат ‘милост’ евентуално во некое идно време. Да бидеме достојна резерва на клупа. Најсетне, Мицкоски му даде година дена чисти на Заев да си ги доврши плановите. Бара предвремени избори, ама следната година. Ќе се сложите, многу либерални тези“, ни изјави Петровски.

Премиерот Заев во саботата наутро рече дека легитимно право на опозицијата е да протестира и оти внимателно ќе ги слуша пораките. Веднаш по митингот, од неговата партија оценија дека по 11 изгубени години, граѓаните немаат уште еден живот да му го доверат на некој нов Никола Груевски, со кого еднаш веќе расчистија.

ВМРО-ДПМНЕ покажува дека нема никаква разлика во нејзиното однесување и дејствување. Нема никаква разлика: Мицкоски продолжува прецизно по патот на Груевски и, за жал, повторно одбива да им се извини на граѓаните за пустошењето што ВМРО-ДПМНЕ го вршеше врз Македонија“, заклучија на „Бихаќска“.

Горан Адамовски