Мицкоски до Заев: Ти паднаа маските, ти си промотор на криминалот


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го обвини премиерот Зоран Заев дека е заштитник и промотор на криминалот. Му порача дека тој веќе одбрал да биде народот, а нему да размисли што прави. Во отвореното писмо што го сподели на „Фејсбук“, Мицкоски вели дека владата се плаши од фер избори затоа што ќе биде жестоко поразена.

„Паднаа маските и се покажа вистинското лице на власта. За жал, СДСМ имаше прилика да докаже дека борбата против криминалот има некакво значење за оваа власт. Наместо тоа Заев покажа три работи: прво, преку неприфаќањето на предлогот и неговото молчење за формирање на независно обвинителство кое ќе се бори против криминалот одбра да се стави во улога на заштитник и промотор на криминалот, неправдата и безаконието во оваа држава. Дополнително со тоа покажа дека борбата против криминалот е само фарса за оваа власт и дека токму таа кумува со сите криминални процеси во државата. Второ, со самото тоа што не се откажува од штетниот договор, Заев не ја почитува волјата на граѓаните и пораката кажана на референдум дека договорот се отфрли. Договорот преку кој Заев сака да ја прекрсти на сила државата и народот, е последната сламка за спас на неговата кариера и неуспешен обид да избега од одговорност за сите афери и скандали. Нема друга држава во светот каде премиерот отворено си кажува дека нема да ја почитува волјата на мнозинството граѓани и јавно кажува дека поисплатливи му се јаловите обиди за условување и уцена на пратеници. Тоа нема да помине. И трето, со отфрлањето на предлогот кој го дадов, Заев и власта покажаа дека се плашат од слободни, фер и демократски избори, затоа што знае дека на тие избори народот ќе си дојде по своето и ќе бидат жестоко поразени, како што беа и на референдумот што помина. Затоа би порачал уште еднаш да размисли власта и премиерот, затоа што не е сеедно кој на чива страна бил. Јас веќе одбрав, со народот, на страна на правдата и нашата Македонија“, пишува лидерот на опозицијата.