Мицкоски: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е обединета


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува во работата на Собранието сѐ додека не се создадат услови за нормално демократско функционирање на институцијата, изјави претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, по денешната координација на опозициските пратеници.

Зад овој став, според Мицкоски, стои целата пратеничката група.

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, барем оние кои се на слобода, се апсолутно конструктивни и учествуваат заеднички во креирање на ставовите и на состаноците. Пратеничката група е единствена, обединета и сите заедно стоиме зад овие ставови“, рече Мицковски, во изјавата пред Собранието, каде што беше придружуван од десетина пратеници, меѓу кои и новиот координатор, Владимир Ѓорчев.

На прашање дали ВМРО-ДПМНЕ има комуникација со претседателот на парламентот Талат Џафери и со пратеничката група на СДСМ, Мицковски објасни дека за дел од реформските закони имаат работни групи.

Околу тоа кога ќе биде поднесен законот за амнестија на осомничените за настаните на 27 април, ако се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ е надвор од парламентот, Мицкоски рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствуваат во првиот момент кога ќе има демократски услови.

Во врска со можното прегрупирање на пратениците од десет во една пратеничка група, Мицкоски рече дека сите опции се отворени.

Тој нема никаква информација за процесот „Жан Моне“ процесот и датумите кои се споменуваат.

„За таков процес не сме информиран, немаме официјална покана, а немаме информации ни за содржината, ни за намената на таков процес“, рече Мицкоски.