Мицковски, Милошоски и Петровски во трка за наследник на Груевски?


До правната комисија на ВМРО – ДПМНЕ, односно во архивата на партијата пристигнале првите кандидатури за наследник на Никола Груевски. Како што дознаваме, генералниот секретар Христијан Мицковски, пратеникот Антонио Милошоски и поранешниот директор на Државниот архив на Република Македонија, Филип Петровски, и официјално влегуваат во трка за нов лидер на најголемата опозициска партија во земјава. Во ВМРО – ДПМНЕ ниту ги потврдуваат, ниту, пак, ги демантираат информациите, со објаснување дека „нема да информираат на дневно ниво во однос на престојниот Конгрес во Валандово“. Се очекува кандидатура да поднесе и поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, кој, наводно, високо котира на листата за наследник на Груевски. Неизвесно е дали во трката ќе се вклучат Илија Димовски и Никола Тодоров.

Врз основа на Статутот на партијата, кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот. Еден делегат може да поддржи само една кандидатура за претседател на ВМРО – ДПМНЕ. Кандидатурите може да се поднесуваат најдоцна до 21 декември до 15 часот.

Конгресот на кој партијата ќе избере нов претседател е закажан на 22 и 23 декември во Валандово. Право на глас имаат 544 делегати, истите оние што гласаа и на претходниот Конгрес на ВМРО – ДПМНЕ пред две години во Куманово. (Г.А.)