Мицковска Ралева: Работниците да пријавуваат прекршување на нивните права од работен однос


Платата на 44 проценти од вработените во Македонија целосно или делумно не се пријавува, при што девет проценти се без писмен договор за работа и не им се исплатени социјални придонеси за вработување. Истовремено се почесто до Управата за јавни приходи (УЈП) пристигнуваат поплаки дека не се издаваат фискални сметки, истакнаа учесниците на денешниот Регионален форум за скриена економија, што се одржа во организација на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП).

Во примерите за непријавена работа се забележани случаи кога работник во фабрика има втора работа како нерегистриран водоводџија за мало домаќинство, електричар мести болјер и е платен во готово, а потоа не го пријавува приходот, ИТ професионалец, покрај својата минимална плата на која е пријавен добива и дополнителна плата во „плико“, самохрана мајка на две деца, во корист на работодавачот се согласува да работи на договор на неопределно време за да ја задржи работата и да ги покрие трошоците на домаќинството…

Како што беше истакнато на форумот, во борбата против сивата економија Македонија бележи стагнација, како резултат на губењето на довербата на обврзниците во институциите од политичката и економската криза. Во клучните фактори за скриени економски активности, според бизнисмените опфатени со истражувањето, се неплаќањето даноци, корупцијата и неефикасноста на судството.

Мониторингот на ЦИКП покажува дека на скала од еден до десет индексот на скриена економија на Македонија лани изнесувал 3,4 или приближно на 2014 година. Споредено со другите држави опфатени со истражувањето Македонија е рангирана подобро, бидејќи во Косово индексот изнесува седум, а во Албанија четири. Скриениот обрт во Македонија со кој се опфатени степенот на неиздавање документи и фискални сметки при купување, има индекс од 3,29, а скриеното вработување (непријавена работа, скриено социјално осигурување и скриено здравствено осигурувањ) е од 3,51.

Директорката на Управата за јавни приходи, Соња Лукаревска најави засилени инспекции со оглед на големиот број јавувања во контакт центарот на УЈП и претставки дека не се издаваат фискални сметки. Неправилности во работењето се утврдени кај 10 проценти од контролираните субјекти во минатата недела. Таквите контроли продолжуваат, а особено ќе се обрне внимание на почитувањето на легислативата при што ќе бидат опфатени претстојните забавни манифестации, како што е струмичкиот карневал и други што овозможуваат зголемен обем на работа, но и хотелскиот сектор.

– На сите големи забавни настани во наредниот период, исто така, ќе правиме контроли затоа што сметаме дека токму во тој период има неиздавање фискални сметки, односно дека постојат и паралелни менија, едни за граѓаните на РМ, а други за странските гости, и во делот на хотелското сместување, нешто слично како што спроведувавме акции во периодот на одржување на Супер купот во Скопје, изјави Лукаревска, посочувајќи дека случаи со непријавени плати има особено во фирми кои одлично котираат во бизнис заедницата.

Ана Мицковска Ралева од ЦИКП смета дека казнените мерки треба да се балансираат со активности за подобро откривање на скриената економија и стимулирање на бизнисите да ги пријавуваат вработените.

– Истовремено работниците да се охрабрат да пријават прекршувања на нивните права од работен однос, односно кога имаат опција дали да бидат непријавен работник со повисока плата или пријавен работник со пониска плата, да победи изборот за пријавени работници, изјави Мицковска Ралева.

Јосип Фрањиќ, експерт за истражување на скриената економија, ги пренесе хрватските искуства според кои и по влезот на Хрватска во ЕУ, главен проблем и натаму останува недовербата помеѓу граѓаните дека плаќањето данок не значи и дека собраните средства наменски и во целост ќе се потрошат за нивните и потребите на државата.