Мицевски: Со еден амандман бришат сè што е македонско


ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во комисиската расправа за нацрт-амандманите за уставните измени што започнува денеска. Од опозицијата сметаат дека на тој начин ќе добијат уште една шанса да ги разобличат предлозите на власта со кои, како што велат, се протнуваат работи за кои воопшто не било разговарано претходно. Координативните состаноци на коалицијата „За заедничка Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат и наредните денови, до детали ќе се договара каков ќе биде настапот на пратеничката група.
Новиот координатор на најголемата опозициска партија Никола Мицевски вели дека подготвиле огромен материјал со забелешки за целиот процес, почнувајќи од фактот што власта не го сопре процесот за уставните измени најдоцна 60 дена по одржувањето на референдумот, чии резултати објавени и во „Службен весник“ јасно укажале оти нема расположение меѓу народот за прифаќање на договорот со Грција.
„За жал, владата на Зоран Заев продолжи да го силува процесот. Имаме еден куп забелешки и на текстот на нацрт-амандманите. Најголемо вознемирување предизвикува амандманот што се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија и тоа секаде во Уставот, што ќе рече дека само со еден нацрт-предлог се брише сè што е македонско“, вели Мицевски за „Независен весник“.
Нему и на пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ не им е јасно и од каде сега Охридскиот рамковен договор влегува во Преамбулата на Уставот кога граѓаните воопшто не се изјаснуваа за него на референдумот ниту, пак, низ јавноста провејуваше таква можност. Тоа, велат од партијата, е несериозно однесување од страна на владата која носи стихијни одлуки, а што повлекува и промена и приспособување на стратегијата за тоа како треба да се дејствува.
„Ќе има жестоко разобличување на сите уставни амандмани и за сето она што ѝ се случува на Македонија, а за кое ние како пратеници и како партија реагиравме во изминатиот период“, потенцира Мицевски.
Во ВМРО-ДПМНЕ признаваат дека во моментов има нова реалност во парламентот, односно 80 пратеници што гласаа за потребата за отпочнување на уставни измени, но оти процесот е долг.
Расправата за нацрт-амандманите што минатата недела ги поднесе Владата започнува денеска во матичната Комисија за уставни прашања. Утре за нив ќе расправа Законодавно-правната комисија. Во рок од 30 дена од поднесувањето на амандманите, тие треба да се најдат на пленарна седница. За утврдување на нивниот текст е потребно апсолутно мнозинство од 61 пратеник.
Како што објави Владата, првиот амандман се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија, секаде во Уставот освен во членот 36 каде што има историски аспект. Вториот се однесува на Преамбулата на Уставот, каде што одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор за да биде конститутивен елемент на државата. Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е: Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, што дава посилни гаранции за трајност и неповредливост на границите со Грција, иако се однесува за сите соседи. Во четвртиот амандман, покрај потврдување на македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство, и ги унапредува нивните врски со татковината.

Горан Адамовски