Мисовски: Не сакам да верувам дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за уставни измени


Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски денеска ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на пленарната седица во понеделник да ги поддржат уставните измени и заеднички да ја обезбедат европската иднина на граѓаните.

– Убеден сум и не сакам да верувам дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за уставни измени во понеделник, рече Мисовски, повикувајќи ги колегите од опозициската партија истовремено со поддршката на уставните измени да го бранат и, како што рече, заедничкиот став за евроинтеграциските процеси на државата.

Мисовски рече дека со Предлогот за пристапување кон уставни измени се потврдило дека не се губи ништо, туку напротив се обезбедува иднина во ЕУ и НАТО со зајакнат македонски идентитет кој конечно станува признаен од целиот свет.

– Нашата одлука да гласаме за уставните измени го потврдува и зацврстува историскиот континуитет на македонската државност, се обезбедува поцврста гаранција на границите и територијалниот интегритет, грижа за Македонците и иселениците од Македонија во странство согласно меѓународните стандарди без мешање во внатрешните работи на која било друга држава, рече Мисовски.

Смета дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ токму од тие причини треба, како што вели, да преземат одговорност за иднината на нашата држава и да ги поддржат уставните измени.

Мисовски одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Законодaвниот дом не може да ги коментира информациите изнесени во јавноста за притисоци и закани врз членови на ВМРО-ДПМНЕ, а за себе рече дека немал никаков притисок поврзан со неговиот став за менување на уставното име и најавените уставни измени.