Министрите започнуваат нова последна рунда разговори за Македонија


Шефовите на европските дипломатии денеска на министерскиот состанок во Луксембург си даваат „последна шанса“ да дојдат до компромис за старт на преговори со Македонија, информираат извори присутни на состанокот .

Франција и Холандија, како што јави известувачот на МИА од Луксембург,  остануваат тврди и не попуштаат за датум за преговори.

Германскиот министер за Европа, Михаил Рот гневен го напушти состанокот нарекувајќи ги дискусиите за Македонија „разочарувачки“.

Чешкиот државен секретар за европски прашања Алеш Хмелар, кој мораше да го напушти состанокот за да фати авион, порача дека останува да се види дали на Самит ќе се отвори темата.

Но, по неговото заминување министрите си дадоа уште една шанса да пробаат да се договорат за преговори за Македонија. Останатите земји членки се решени да ги убедат Париз и Хаг, но прашање е колку е можно да се омекнат овие две земји.