Министерство за здравство: Бакрачески не е деградиран, за Доневски ќе каже ДКСК


Министерството за здравство вечерва ги објави заклучоците од вонредниот инспекциски надзор во охридскиот Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни
заболувања. Во оваа институција на работа се врати д-р Никола Бакрачески, доскорешен градоначалник на Охрид, при што излегоа информации дека е деградиран поради политички реваншизам.

„Д-р Никола Бакрачески, специјалист интернист со супспецијализација-кардиологија, во 2013 година ја презема градоначалничката функција од позиција на директор на оваа установа. Со Одлука за мирување на вработување Никола Бакрачески има право во рок од 15 дена по престанокот на вршење на функцијата градоначалник на Општина Охрид да се врати во Заводот, на работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка. Роковите се испочитувани и моментално во Заводот е поставен на работно место раководител на отсекот за аритмии, за кое во согласност со систематизацијата е потребна ВСС медицински факултет – специјалист интернист или супспецијалист кардиолог. Напоменуваме дека во установата независно на кој отсек се водат, вработените постојано ротираат на сите отсеци, така што и Никола Бакрачески, откако е вратен во заводот, вршел интервенција коронарографија“, соопштија од Министерството.

Во врска со наводите за Зоран Доневски, специјалист-интернист, со супспецијализација кардиологија, претходно раководител на отсек за ергометриско тестирање, а распределен на работно место раководител на стационарно-болнички оддел, согласно систематизацијата потребна е ВСС медицински факултет, специјализација за интернист или супспецијализација кардиолог.

„Неговото работно поместување е по хоризонтала заради заминување на предходниот вработен на тоа работно место на специјализација во Скопје. Во тек е постапка за известување на Државната комисија за спречување корупција“, се вели во соопштението.