Министерството за правда: Екстрадиција за Груевски по распишување меѓународна потерница


Доколку биде официјално потврдено дека поранешниот премиер Никола Груевски избегал во Унгарија, Министерството за правда ќе достави барање за екстрадиција откако ќе добие известување од МВР каде е лоциран и дека за него има разпишана меѓународна потерница.

Од Министерство за правда за МИА информираа дека за спроведување на екстрадиција потребни се документи од Судот : правосилна пресуда, извадок од КЗ за описот на делот и застареноста на кривичното гонење односно за извршувањето и барање од Судот до надлежниот орган во државата каде што треба да се постапи за екстрадиција.

Груевски по кого е распишана национална потерница бидејќи не се јави во затвор за издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, попладнево се огласи со статус на својот фејсбук профил во кој вели дека е во Унгарија каде што побарал политички азил од тамошните власти.

– Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам, наведува Груевски во статусот на својот Фејсбук профил.

Засега нема потврда од надлежните македонски власти дали фејсбук статусот е веродостоен.

Од вчера попладнето Груевски се бара со национална потерница заради издржување двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.

Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев денеска изјави дека не може судот самоиницијативно да определува мерка притвор, тоа е секогаш по барање на Обвинителството.
– Во случајот „Тенк“ од самиот почеток на подигање на обвинението до соопштување на одлуката од страна на Обвинителството во ниеден момент не е побарана мерка притвор за обвинетиот Никола Груевски, изјави Џолев.
Посочи дека двата пасоши на Никола Груевски и дипломатскиот и неговиот личен пасош се одземени и определена е мерката јавување во предметот „Титаник“, додека во предметот „Тенк“ нема никаков предлог ниту за обезбедување на некаков  имот, ниту предлог за  некакви си мерка за  обезбедување негово присуство.