Министерството за одбрана и Министерството за образование со највисока активна транспарентност


– Министерството за одбрана заедно со Министерството за образование и наука го заземаат првото место на ранг-листата на министерствата во Република Македонија, според Индексот за активна транспарентност за 2018 година, изработен од Центарот за граѓански комуникации, соопшти Министерството за одбрана.

– Според извештајот што неодамна беше објавен од овој Центар, навистина ми е задоволство што Министерството за одбрана, заедно со Министерството за образование и наука е оценето како институција со највисока активна транспарентност. Тоа докажува дека сите оние напори кои што ги правевме со објавување на сите документи, со голема отвореност кон јавноста, дека сепак се ценат и дека вродуваат со плод, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

На вкупната ранг листа каде покрај министерствата и Владата се вклучени и општините, Министерството за одбрана е на високото трето место во однос на активната транспарентност која подразбира објавување на информации на сопствена иницијатива, без посебно барање за пристап до тие информации. Пред само две години, Министерството за одбрана било рангирано на 45. место.

– Сето ова значи дека кога се сака, се може и кога се има волја да и служиме на јавноста, јавноста навистина ќе ги има и вистинските информации и вистинската можност да ја анализира нашата работа, посочува Шекериснка и истакнува дека политиката на транспарентност на Владата и на Министерството продолжува и во иднина.