Минерални „опозициски“ води: Јанакиевски во „Пелистерка“, „Кожувчанка“ во ВМРО-ДПМНЕ


Веста дека поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески го напуштил работното место во ВМРО-ДПМНЕ и се вработил во „Пелистерка“ ја возбуди јавноста. Довчерашниот близок соработник на Никола Груевски и осомничен во неколку случаи на специјалното јавно обвинителство, самиот ја соопшти „екслузивата“ на минатонеделното судско рочиште во процесот ТНТ во скопскиот Кривичен суд. Само десетина дена претходно, газдата на најголемиот конкурент на битолскиот бренд – „Кожувчанка“ беше избран за потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, по што низ смеа почна да се зборува дека сите газирани води се вмровски. Приказната оди и понатаму, па сопствениците и на неколку други фабрики за полнење вода се поврзуваат со партиите на власт или на опозицијата, што веројатно е дополнение на изреката: таму каде што се парите, таму е моќта, а во нашиот случај и политиката.
Бизнисменот Митко Јанчев покрај тоа што е газда на „Кожувчанка“, е и актуелен градоначалник на Кавадарци, единствениот град меѓу Зрновци, Илинден и Сопиште каде што на ланските избори славеше најголемата опозициска партија. Во ВМРО-ДПМНЕ ќе ви признаат дека таму каде што победија нивните кандидати причината за тоа беше единствено личната способност на градоначалниците, а не моќта на партиската машинерија, која одамна е „зарибана“.
„Се кандидирав за градоначалник поради предизвикот од Кавадарци да направам убаво место за живеење. Одлуката за кандидатурата траеше долго и, искрено, беше многу тешка, но со поддршка од моето семејство влегов во оваа работа и, денеска, по два месеца интензивна работа што ме исполнува, воопшто не се каам за одлуката што ја донесов. Можеби почитта што ја имам во Кавадарци и пошироко на некој начин ме предизвика да работам уште понапорно за граѓаните на општината, за сите нас да создадам подобри услови за живеење“, објаснува Јанчев за „Независен весник“.
Вели дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ, политичките идеи и заложби биле најблиски со неговите убедувања. Таа партија, според него, знае да се доближи до народот, емотивно ги доживува проблемите и им пристапува транспарентно и чесно. Дел од членовите на партијата, веднаш по локалните избори, брифираа дека името на Јанчев се споменува меѓу кандидатите за нов претседател, што на некој начин се оствари откако лидерот Христијан Мицкоски го стави да му го чува грбот.
„Тоа за мене претставува уште еден голем предизвик. Влегувам со нова енергија во процесот на создавање на просперитетна и подемократска Македонија. Единствено ќе се залагам нашите свежи идеи да ги пренесеме во секојдневното живеење и Македонија да тргне по вистинскиот пат“, потенцира Јанчев.
На прашањето дали поради нескриената партиска припадност му трпи бизнисот и колку политичките соперници му ги купуваат производите, одговара дека едно со друго нема никаква врска и оти „Кожувчанка“ е фирма која со години го создавала својот успех за да стане успешна компанија, која не е ориентирана кон никоја политичка партија.
„Тука е пресуден квалитетот, а не политиката“, заклучува првиот човек на Кавадарци.
Извршниот директор и сопственик на „Пелистерка“, Дејан Панделески, никогаш не бил активно вклучен во политиката, иако многумина ќе му припишат дека беше близок со поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а неговиот глас, наводно, се слуша и во една од „бомбите“ на опозицијата, и тоа додека разговара со поранешниот прилепски градоначалник Марјан Ристески.
„Констатациите за близина со една или со друга владејачка структура се нечии лични впечатоци“, одговара Панделски.
Во дописот што го добивме како одговор на прашањата што ги поставивме се наведува дека тој и Јанакиески се долгогодишни пријатели, а од пред повеќе од десет години и кумови. Дружбата во текот на студиите ја продолжиле и по завршувањето на факултетски денови.
„Вработувањето на Миле Јанакиески во нашата компанија не е никакво изненадување. Со оглед на неговите професионални капацитети, Јанакиески може и ќе помогне во работењето на фирмата. Од 19 декември минатата година тој е вработен на позицијата раководител на домашна продажба. ’Пелистерка’ е компанија на која најважни ѝ се потрошувачите, без оглед на нивната партиска припадност. Близината со Миле Јанакиески, некогашен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, нема никакви политички карактеристики туку, напротив, фамилијарни“, информираат од „Пелистерка“.
Горан Адамовски