Милошоски и Велјаноски му изразија поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски


Пратеникот Антонио Милошоски му даде поддршка на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Драматичните случувања во Собранието и нелегалниот чин против Уставот, барем дадоја појасна слика за тоа кој се залага да се испочитува вољата на народот од кој сме избрани, а на кого му се побитни заткулисните договори.

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, сепак покажа дека му е побитна демократската доверба која гласачите им ја дале на пратениците, и вољата на членството и симпатизерите.

Со тој став ја заслужи мојата поддршката и како пратеник, и како член на ВМРО-ДПМНЕ од 1992 година. Консолидацијата и единството во ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на програмските определби, се потребни и полезни за демократијата во Република Македонија“, напиша Милошоски на Фејсбук.

Поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски изрази и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Велјаноски.

„Во овие тешки моменти за Република Македонија, потребна е подршка на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, тој ја има мојата подршка а уверен сум и од членството“, напиша на фејсбук Трајко Велјановски.

Инаку, Велјаноски и Милошоски се спротивставија на изборот на Мицкоски за партиски лидер по повлекувањето на Никола Груевски.