МИА се огради од нивниот новинар Чилиманов за твитот за чичко Кумплуг


Македонската информативна агенција во целост се огради од твитот објавен на социјалната мрежа Твитер, на нивниот вработен новинар Цветин Чилиманов.

„МИА во рамки на своите надлежности ќе ги преземе сите мерки за утврдување на фактичката состојба и зачувување на угледот на Агенцијата, во согласност со законските прописи“, информираат оттаму.

Имено, на социјалната мрежа Твитер, Чилиманов сподели твит од новинарката Валери Хопкинс на „Фајненшл Тајмс“ и над нејзиниот коментар ги повика таксистите ако таа им влезе во автомобил да се однесуваат како ликот Чичко Кумплуг од македонскиот филм „Самоуништување“, кој пак силуваше патничка.

Хопкинс пак во нејзината објава на Твитер имаше напишано:

„Таксист од Скопје кој бојкотирал: Бугарија мисли дека нашиот јазик не постои. Србија не ни ја признава црквата. Грците ни го блокираат името, а имаме проблеми и со Албанците. Ние немаме никаков проблем, сите други имаат со нас…“

Споделувањето на овој твит од страна на новинарот Чилиманов ги разгори социјалните мрежи, а другите новинари неговиот коментар го разбираат како повик за силување на новинарката Хопкинс.

Во реакциите се огласи и актерот Јовица Михајловски кој всушност го толкуваше ликот на чичко Кумплиг во филмот „Самоуништивање“.

сцена од филмот „Самоуништување“ (Јовица Михајловски во улогата на чичко Кумплуг)

„Овој Цветин, што го бербати ликот и делото на чичко Кумплунг, да го потсетам дека Кумплунг заврши во инвалидска количка, токму заради сторените дела на кои сега повикува ангажираниот Чилиманов. Го охрабрувам, тој и сите што го делат неговиот став, до крај да ја споделат судбината на ликот Кумплунг и да завршат на ист начин. За потсетување, таксистот Кумплунг е главен лик од играниот филм „Самоуништување“. Веројатно насловот му послужил како инспирација, во исполнување на неговата света мисија. Со среќа, чичин!“, напиша актерот Михајловски.

ОБСЕ го осуди заканувачкиот твит упатен кон новинарката Хопкинс

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите најостро го осуди твитот на Цветин Чилиманов упатен кон дописничката на Фајненшл Тајмс, Валери Хопкинс, која го покриваше референдумот во Македонија.

– Заканувачкиот твит на Цветин Чилиманов кон Валери Хопкинс е срамен и неприфатлив. Сите закани кон новинари, особено повиците за насилство кон жени новинарки се неодговорни. Чилиманов мора веднаш да го отстрани твитот, напиша Харлем Дезир на Твитер.