Меѓу првите амнестирани и браќата кои открија кој стои зад упадот во Собрание



Петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски се меѓу првите 12 амнестирани лица за упадот во Собрание што се случи на 27 април минатата година.

Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев вечерва потврди дека се донесени првите 12 решенија за амнестија за крвавиот четврток и ги соопшти нивните имиња во гостување на емисијата “24 Анализа”. Освен пратениците, амнестија добија и двајцата вработени во кабинетот на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, Елена Божиновска и Иван Цветановски кои, според обвинителството, ја упатуваа толпата до прес салата каде се случија најкрвавите насилства.

Меѓу првите, милост добија и двајцата браќа Стефан и Михаил Младеновски и еден од телохранителите на Александар Василевски Нинџа, Захарије Симовски во својата одбрана тврдеа дека упадот го организирале структури во Управата за безбедност и контраразузнвање. На дел од снимките кои обвинителството ги предложи како докази се гледаше дека браќата влегле во Собрание маскирани. По нивната одбрана беше уапсен поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски кој исто така побара да биде амнестиран. Решение за амнестија добија и двајца обвинети кои се во притвор, Митре Питроповски и Илија Славевски.

Од Вкупно 33 обвинети за најобемниот предмет што се води за крвавиот четврток, правда од судот ќе чекаат само петмина, оперскиот пејач Игор Дурловски, поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, вработениот во МВР, Душко Лазаров и обвинетите ИгорЈуг и Јане Ченто.

По препирањата во Кривичниот суд, одлуките за амнестија сепак ги донесе Кривичен совет, а не судијката Кацарска која тврдеше дека е незаконски токму таа да одлучува кој ќе биде амнестиран, среде судски процес кој го се уште не е завршен.

Вкупно 66 барања за амнестија утрово од Кривичниот суд беа пратени во обвинителството.Од нив во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција пристигнале 29 барања, а во Основното јавно обвинителство Скопје, пак, пристигнати се 37 барања за амнестија.
На 15 јануари Обвинителството и оние кои нема да бидат амнестирани, ќе ги дадат своите завршни зборови пред судот.(Ф.Ф.С.)