Меѓаши тврди дека има, а Шилегов дека нема злоупотреба на деца во Бадниковата поворка


Бадниковата поворка во која учествуваа 7.000 деца, предизвика сериозни реакции во јавноста.

Организациите за заштита на правата на децата велат дека е неправилно во време на училишен распуст учениците да бидат ангажирани во било какви поворки, додека според други на овој начин се негува духот на традицијата за овие празници.

Од детската амбасада Меѓаши, пак, велат дека во овие процеси има злоупотреба на деца во политички и верски цели.

Драги Змијанац, извршен директор на Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“ вели дека се прави политичка злоупотреба на деца преку верски традиции од страна на актуелната власт и нивно користење за промоција на партиите.

Од друга страна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, вели дека со Бадниковата поворка не се извршила злоупотреба на деца во религиозни и политички цели.

Според него, станува збор за иницијатива, која потекнувала од родителите, а градот со обезбедување превоз за децата само излегол во пресрет на нивните барања.

Шилегов по божикната литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје запрашан дали со тоа не се нарушува секуларноста на државата, посочи дека не може да стане збор за тоа, бидејќи тоа е граѓанска иницијатива.