Мерсовски од ПЕИ: СДСМ и ДУИ не ми кажаа како да гласам


Алијансата за Албанците, чиј лидер Зијадин Села за малку смртно ќе страдаше во Собранието од „долгата рака на ВМРО“, склучи советнички пакт токму со ВМРО-ДПМНЕ и Беса и избра в.д. градоначалник на Дебар од своите редови по смртта на Ружди Љата од ДУИ.

Во изборот на Еуген Цами учествува и Абдија Мерсовски од ПЕИ – партијата на жртвата на претходниот режим Фијат Цаноски и коалициски партнер на СДСМ. И со неговите „два прста“ се руши тамошниот „космос“ на ДУИ и СДСМ – партнерите од владината коалиција кои имаа меѓусебен договор за последните локални избори. Иако политиката е полна со апсурди, во оваа епизода сите тие бегаат од прашањето дали станува збор за нова непринципиелна коалиција. Прв Мерсовски.

„Јас не знам дали Алијансата за Албанците, Беса и ВМРО-ДПМНЕ имаат направено коалиција, но знам дека јас немам влезено во никаков политички договор“, ни изјави вчера Мерсовски. Тој тврди дека на состанокот на Советот не бил вклучен на „партиското далечинско“.

„Никој од коалицијата не најде за потребно да ме извести кој е ставот и за кого треба да се гласа. Отидов на состанокот неиспочитуван и неинформиран. Затоа гласав по сопствено убедување“, вели Мерсовски.

Имало два предлога. Џокерот на ДУИ бил докторот Дука, а на Алијансата за Албанците пензионерот Цами. Нивниот моментален професионален (не)ангажман бил пресуден во гласањето на Мерсовски.

„Сметав дека докторот Дука треба да остане на своето работно место, да биде со пациентите, а пензионерот Цами привремено во наредните шест месеци да ја преземе градоначалничката функција и со нашата советничка помош во овој период да ги реализира зацртаните планови. Доколку мојата партија смета дека сум погрешил, може да ме санкционира. Но она што треба на сите да им е јасно е дека треба да развиваме политика за граѓаните, а не политика за партиите“, констатира советникот на ПЕИ.