Медицинските сестри стареат, нема кој да дежура на клиниките


Во болниците низ државата има двојно помалку медицински сестри отколку што се потребни, а и тие што ги има се во поодмината возраст, кога не смеат да бидат на дежурства. Проблемот повторно се актуализира откако Клиниката за детски болести привремено го затвори Одделот за хематологија поради недостиг на кадар, па потоа повторно го отвори.

На медицинските сестри им е законски дозволено да дежураат до 57 години. Потоа се ослободуваат од дежурства додека да отидат во пензија, со навршени 62 години.
– Ние имаме прилично стар персонал. Нови сестри не доаѓаат, а и да дојдат, потребни се најмалку шест месеци за да се обучат да работат. Ако не се реши итно состојбата, за многу брзо време не само што ќе снема сестри, туку и ќе нема кој да дежура – велат од Детска клиника.
Таму целосно не профункционира ни Ургентниот центар, отворен уште во 2013 година. Работи само како општа амбуланта, без дневна болница и тријажа.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека на Детска клиника во најскоро време ќе бидат примени 20 медицински сестри на Хематолошкото одделение и за Одделот за интензивна нега.

– Веќе се обезбедени дел од средствата и од Детската клиника, но и екстра средства од ФЗОМ. Направивме анализа заедно со Министерството за труд и социјална политика и идентификувавме огромен број невработени сестри. Верувам дека ќе можеме да најдеме кадар што ќе работи во овие одделенија. Хематолошкото одделение се затвори за да не дозволиме никаква импровизација додека нема доволен број луѓе – рече Филипче.
Тие 20 медицински сестри, потенцира, се екстра од она барање за вработувања медицински сестри кое претходно го поднела директорката на Клиниката.

Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарската комора, посочи дека минатата година старосната граница на матичните доктори и на матичните гинеколози била 58 години. – Ако земеме предвид дека со 62 години луѓето одат во пензија, ние за три години ќе имаме проблем ако нешто не се направи за тие луѓе да бидат матични доктори, а не да бидат доктори во странство. Правиме обид луѓето да се мотивираат и да останат во државата – рече Гривчева-Старделова.

Секоја година само на Медицинскиот факултет во Скопје дипломираат по 220 доктори. Комората годишно на 173 доктори им издала потврди за работа во странство, што значи дека колку што дипломираат во Скопје, безмалку толку и одат на работа надвор од државата.
С.С.З.