Медарски: Немам никаква врска со фирмата од тендерот за реагенси


Мојата адвокатска канцеларија нема никаква поврзаност со фирмата што конкурирала на тендерот и одговорно тврдам дека таа фирма, нејзините основачи, управител и вработени никогаш не сум ги застапувал, ниту пак лично познавам било кој од нив, реагира адвокатот Филип Медарски. Претходно, ВМРО-ДПМНЕ праша дали е случајно тоа што единствената компанија што конкурирала на тендерот за реагенси тежок 35 милиони евра е регистрирана на иста адреса како и неговата канцеларија.

-До моментот на излегување на информациите околку тендерот во јавноста, мене не ми беше познато дека таа фирма има седиште на истата адреса како мојата канцеларија. На истата адреса се регистрирани повеќе од седум други адвокатски канцеларии, кои не се поврзани со мојата. Која од нив ја регистрирала фирмата на ова седиште лесно може да се провери во Централниот регистар, но тоа сигурно не е мојата – вели Медарски.

Тој посочува дека било какво натамошно поврзување на неговата канцеларија со оваа фирма или тендерот на Министерството на здравство ќе ги третира како злонамерни и тенденциозни и во таков случај најавува дека ќе поведе соодветни постапки за заштита на честа и угледот.