МВР: Станува збор за редовна испорака на патни исправи


Министерството за внатрешни работи ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има неправилности при набавката на бланко обрасци за патните исправи и вели дека станува збор за редовна испорака на патни и лични исправи за граѓаните со цел да се обезбеди нивно непречено издавање.

-Вистината е дека Министерството за внатрешни работи ги презема сите неопходни мерки за да се обезбеди непречено издавање на патни исправи на граѓаните, а политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и многу пати досега, ја лаже јавноста во обид да добие некакви политички поени, соопшти МВР.

Во соопштението се посочува дека во тек е испорака на бланко обрасци за патни исправи и таа е во согласност со aнексот на Договорот за изработка на патни исправи и лични документи склучен во 2017 година, каде е утврдена количината на обрасци што треба да бидат испорачани за 2018 и 2019 година.

Количината на пристигнати обрасци, посочуваат, е соодветна на предвидената динамика на потрошувачката од претходните години и е во согласност со преземените договорни обврски.