МВР се правда пред амбасадорите за контролата во дискотеките


Министерството за внатрешни работи испратило писмено соопштение до сите странски амбасади во Македонија во врска со акцијата што беше спроведена во саботата во седум дискотеки во Градскиот парк во Скопје.

Во извештајот тие детално ја опишуваат акциската контрола која беше спроведена од СВР Скопје во кординација и содејство со Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат.

За разлика од соопштението кое МВР го испрати до медиумите во кое се информираше за преземената акција, во дописот до странските амбасади тие детално опишуваат како се одвивале поедичните акции во секој од ноќните клубови.

„Независен весник“ дојде до овој извештај кој е напишан на англиски јазик, а во него покрај тоа што се наведени мотивите и начинот на спроведување на акцијата, со цело име и презиме се напишани приведените лица и едно лице кај кое беше пронајдена кеса со непозната прашкаста материја. Неименувани во овој извештај остануваат затекнатите малолетници, како и лицето кај кое бил пронајден пиштол марка „берета“ со десет куршуми.

По деталниот опис на акцијата, на крајот од извештајот МВР пишува дека пред почетокот на акциските контроли, сите униформирани и неуниформирани полициски офицери кои беа дел од тимовите добиле упатства за постапување во согласност со стандардните оперативни процедури, а доколку треба да се употребат физичка сила и други средства за присилба, тоа да биде крајна мерка и таа да биде во согласност со позитивните законски одредби.

Понатаму се вели дека сите униформирани полицајци биле опремени и облечени како и за нивните секојдневни редовни активности.
Тие ги информираат амбасадорите дека не добиле никакви писмени претставки за употребата на прекумерна полициска сила, ниту за несоодветно однесување на полициските службеници.

„Во интерес на вистинито информирање на јавноста, му беше дадена наредба на Одделението за внатрешна контрола и професионални стандарди за да се испитаат сите неправилности. Првичниот извештај на Одделот е дека контролираните акции биле спроведени врз основа на претходно изготвен план, во рамките на соодветни постапки и без употреба на сила. Од угостителските објекти беше побарано да ги обезбедат снимките од видео-надзорот за да се проверат обвинувањата дека полицајците кога влегле во објектите впериле оружје кон присутните гости. Видеоснимките допрва треба да се обезбедат“, стои во соопштението на МВР упатено до амбасадите.

Јавноста бурно реагираше на спроведената акција и на начинот како таа се извела, но освен потврдата дека полицајците биле невообичаено вооружени, од реакциите што ги проследивме никој не наведе дека му било вперено оружје.

На прашањата упатени до МВР зошто детален опис на акцијата е доставен до странските амбасади во земјава, дали тоа е редовна практика, да се известуваат странските амбасади за потезите што ги презема полицијата или, пак, станува збор за барање оправдување предизвикано од реакциите во јавноста, МВР вели дека нивното работење го темели на професионалност, одговорност и транспаретност.

„Бидејќи во периодот по спроведувањето на контролните акции се изнесоа невистини и шпекулации кои разбирливо предивзикаа интерес кај пошироката јавност, некои од претставниците на амбасадите побараа подетални информации за овие акции. Целта на информацијата која беше доставена е презентација на фактите и околностите во кои се спроведуваа акциите. Министерството за внатрешни работи редовно ги информира своите соработници и партнери за реформските текови во министерството и за предизвиците со кои се соочуваме. Ова е дел од политиката на транспарентност и отчетност според која се води министерството“, стои во одоговорот на МВР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја поддржа акцијата и рече дека не била употребена прекумерна сила.
„Полицијата нема воопшто употребено сила, а акцијата е спроведена според прописите и правилата. Меѓу чесните гости имаше и такви што незаконски беа вооружени, кои поседуваа наркотични средства, кои нападнаа полицајци и кои одбија да постапат по полициска наредба. Ноќните клубови се места за забава, но мора да бидат безбедни, а законот важи еднакво за сите“, напиша Спасовски на својот фејсбук-профил.

За време на пратеничките прашања на собраниската седница во понеделникот, акцијата ја поддржа и премиерот Зоран Заев. Одговарајќи на пратеничко прашање поставено од опозицијата, тој рече дека должност на институциите е да ја обезбедат безбедноста на граѓаните и оти доколку се утврди слабост во делот на поставувањето на полицијата, ќе бидат санкционирани ваквите појави.

„Точно е дека има реакции. Има реакции и од пратеници од парламентарното мнозинство, но тоа е доказ дека законот важи еднакво за сите. Испративме јасен апел своите забелешки да ги дадат сопствениците и менаџерите на објектите, како и граѓаните што се затекле во тие објекти“, рече Заев.

(И.Н.)