МВР на Албанија: Груевски избегал преку Албанија кон Црна Гора


Албанската полиција доцна попладнево потврди дека вечерта на 11 ноември Груевски со дипломатско возило ја напуштил Албанија и влегол во Црна Гора.

Соопштение од МВР на Албанија:

„Државјанинот Никола Груевски на 11.11.2018 година околу 19:11 часот излегол од територијата на Република Албанија на граничниот премин Хан и Хотит кон Црна Гора како патник во возило со регистарска табличка CD1013A во сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана. На 11.11.2018 година за граѓанинот Никола Груевски немало никакво соопштение на границата или известување дека е лице по кое се трага“, се вели во соопштението на МВР на Албаниа.

Но за екс-премиерот нема електронска евиденција од каде и кога влегол во Албанија. Повикувајќи се на сигурни извори, Топ чанел телевизија, наведува дека од прегледот на TIMS системот на премините, произлегло дека тој на албанска територија не влегол преку  официјален премин, туку илегално преку зелениот појас.