МВР истражува кој инсталирал опрема за прислушување судии и обвинители


„Има сериозна истрага во сите институции и до детали ќе се провери која била намената на оваа инсталација од минатото, дали и кој ги слушал разговорите во правосудството“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција во однос на скандалот со снимањето во Јавното обвинителство.

Посочи дека опремата била инсталирана во 2013 година и оти информацијата ја добиле пролетта преку свои внатрешни извори, по што веднаш ги информирале Јавниот обвинител и претседателот на Основниот суд Скопје 1.

„Ќе се открие кој ја нарачал опремата, кој ја купил, кој ја инсталирал и кој ја користел и секој кој што ги пречекорил овластувањата ќе одговара пред правдата. И ова ќе важи за секоја институција. Следува темелна проверка во секоја од институциите. Времето на снимање и прислушување заврши. Остатоците од режимот на Груевски ќе бидат отстранети од сите пори на институциите. За овој скандал ќе има одговорност“, потенцираше Спасовски.