Маричиќ: Проблемите во Македонија ескалираа со „заробената држава“


Тим од петнаесетина луѓе избрани од институциите, но и надвор од нив ќе го сочинува тесниот технички преговарачки тим со Европската Унија. Ќе постои и посебна канцеларија за поддршка на работата на главниот технички преговарач со свои лица во Скопје и во Брисел. Задачите се обемни, комплексни и многу одговорни. Ако продолжиме како што работевме досега и го засилиме темпото, не верувам дека кој било ќе се противи на почнувањето на преговорите во јуни 2019 година, вели Бојан Маричиќ, досегашниот близок соработник на премиерот Зоран Заев, кој од есен ја презема новата функција – преговарач со ЕУ.

Вообичаено, процесот на скрининг што подразбира запознавање на земјата-кандидат со правото што владее во ЕУ, започнува со поглавјата 23 и 24: владеење на правото, судството, корупцијата, слободата и безбедноста. Дали тоа се навистина толку големи проблеми што не може да се совладаат?

– Процесот на скрининг, а подоцна и со преговори започнува со поглавјата 23 и 24 (судство и темелни права, односно правда, слобода и безбедност) како резултат на научените лекции на Европската комисија од преговорите со Бугарија, Романија и Хрватска. Овие држави направија сериозни реформи во областите: владеење на правото, судството, корупцијата, но тие реформи во некои држави забележаа назадување и неодржливост. Заради тоа, ЕК воведуваше посебен механизам за владеење на правото кој ги мониторираше Бугарија и Романија и по влезот во ЕУ. За тоа да не се повторува ЕК реши да воведе нов пристап во преговорите каде овие две поглавја ќе се отворат најпрво, ќе бидат отворени цело време и ќе се затворат последни за да се осигура постојан напредок без крупни назадувања. Значи овие големи проблеми се предизвици и за другите држави и не се само специфични кај нас. Сепак во Македонија овие проблеми ескалираа со „заробената држава“ која постоеше и беше утврдена во Извештаите на Прибе и ЕК. Најголем напор се вложува во надминување на овие проблеми и таму државите се секогаш на најголем тест, оти таму се гледа вистинската волја на политичките фактори, но и на институциите за промена кон подобро.

(Остатокот од интервјуто ќе го објавиме во понеделничкото издание на „Независен весник“)

Горан Адамовски

Фото: Драган Перковски