Мандатот на Груевски пред пратениците


Никола Груевски не се појави на почетокот на седницата за деловнички и мандатно имунитетски прашања на која се расправа за можноста за одземање на неговиот пратенички мандат поради правосилната затворска казна од две години за случајот „Тенк“.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски информира дека Груевски е поканет на седницата на која единствена точка на дневен ред е известувањето од судијката Добрила Кацарска за правосилната пресуда против него.

Сопартијците на Груевски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се присутни на комисиската седница.

Поранешниот претседател на парламентот, Трајко Вељаноски обвини дека против Груевски се води политички монтиран процес.

Според информациите, Груевски е отсутен поради тоа што е на рочиште за еден од случаите што против него ги води СЈО.

Независно од заклучокот што ќе го донесе комисијата, за евентуално одземање на мандатот на Груевски одлука треба да донесе Собранието со двотретинско мнозинство.

Вељаноски рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде против, по што членовите на овој табор ја напуштија комисијата.

Александар Кирацовски од СДСМ рече дека никој не смее да се крие зад пратеничкиот мандат за да избегне кривична одговорност.

Сашо Василевски од новата независна пратеничка група, кому истата Комисија лани во декември му го одзема имунитетот заради 27 април, кажа дека осумтемина пратеници ќе бидат против одземање на мандатот во духот на вчера формирано тело за помирување.

А.М.М.