Мамини и татини деца


Фросина Факова-Серафиновиќ

Семејното дрво на функционерите се разграни уште пред да стигне пролетта, точно пред претседателските избори. Корените ги пушти во државните институции, откако голем дел од нив побрзаа да си ги згрижат своите ќерки, сестри, синови, снаи и други роднини во некоја канцеларија со работно време до четири часот, без притисок и одговорност. Оправдувањето на оваа, како и на минатата власт, е дека Македонија е мала земја со два милиони жители и дека секој со секого е роднина. И тука доаѓаме до заклучокот дека кај нас власта се менува, но желбата за работа во државната служба останува. Но она што е најзагрижувачко е тоа што остануваме земја во која најголем дел од младите сонуваат да се пикнат на државно, а истото ги советуваат и нивните родители. „Клати врата, земај плата“, е главната филозофија што се негува во најголем дел од македонските семејства без желба за напредување и усовршување во својата професија. Од друга страна, ваквите „амбиции“ ги поддржува и секоја власт, чие главно гласачко тело е токму обемната администрација која ја создава за да ги поддржи нејзините политики. И додека приватниот сектор мака мачи да ги плати давачките кон државата, во пазарни услови кои не се еднакви за сите, платите во државната администрација постојано се зголемуваат, а работните места се множат, дури и кога нема потреба за тоа. Единствена обврска на оние што сакаат да се вработат на државно е да ја поддржуваат политичката опција која е на власт. Иако дел од нив треба да го урнат својот интегритет и достоинство и да гласаат за партијата и кога не сакаат, тоа го прифаќаат молчешкум и како непишано правило. И во редовите на СДСМ, членовите водат битка кој ќе се дограби до посигурно и поплатено работно место. За тоа одлучуваат локалните партиски шерифи кои проверуваат кој колку направил за партијата. Оваа атмосфера најмногу ја чувствуваат граѓаните во помалите градови кои се знаат меѓусебно и очекуваат дека кога ќе се смени власта или ќе добијат работно место или ќе ги избркаат. Десет години поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ ги полнеше институциите со свои членови, а сега на ред дојде СДСМ. Нивните членови, како што рече и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, цела деценија биле дискриминирани и им било забрането да се вработуваат во јавен и приватен сектор. „Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата“, вели Манчевски.

Секако, целта на секоја власт не е да ги избрка граѓаните од својата држава, целта е да создаде еднакви услови за вработување за сите, без разлика дали лепеле или не плакати за партијата. Кога ќе се избрише овој најважен услов за вработување и кога на кандидатот што се пријавил ќе се гледа на личност со интегритет, компетентен за работното место што се бара, зад која не стојат влијателните татковци, мајки или роднини, тогаш ќе се создадеме основа на еднакво и рамноправно општество. Но супериорноста дека некој моќен стои зад детето, на кое му се „посреќило“ да се роди во такво семејство, му се наметнува уште од најмала возраст. И затоа, кога ќе дојде време овие деца да се борат во суровата реалност, нивните родители ги вдомуваат на безбедно, по партиска линија, без разлика дали имаат или немаат соодветно знаење и искуство. Оние, пак, што не ја прифатиле оваа конформистичка животна филозофија, мораат да заминат од земјава, далеку од своите семејства, по белиот свет. Иако таму не се граѓани од прв ред, сепак нивниот работодавач ќе ја цени и ќе ја плати нивната работа и нема да го интересира чии деца се, имаат или не звучни презимиња или партиски обележја.