Малото Валандово – голем предизвик за ВМРО-ДПМНЕ


Во салата во која секоја година се одржува „Фолк-фест Валандово“, следниот викенд ќе заседава 14. конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кој се смета за историски, со оглед на тоа што сега опозициската партија треба да го избере својот трет претседател од нејзиното формирање, а по безмалку 15 години неприкосновено лидерство на Никола Груевски.

Во очекување на вонредниот конгрес, партиски извори тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ е во статус кво ситуација бидејќи раководството кое е во оставка веќе не може да донесува покрупни одлуки за понатамошното дејствување. Така, целата партиска активност е сведена сега на млаките протести против притворањата за настаните на 27 април и на организацијата на претстојниот конгрес.

Подготовките за конгресот се во полн ек, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека овој пат решиле да се соберат во Валандово затоа што тоа е еден од градовите во земјава во кои има голема сала. Претходно, ВМРО-ДПМНЕ одржуваше конгреси во Охрид, Штип, Битола, Куманово.

Како што јавува нашиот дописник од југоистокот на државата, во Валандово биле вчера Владо Мисајловски и Спиро Ристовски, функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои беа членови на владиниот кабинет во времето на Груевски. Тие имале средба со новиот градоначалник Перо Костадиновски и направиле увид на салата во која на 22 овој месец ќе почне вонредниот конгрес, кој треба да заврши следниот ден со избор на нов лидер. Околу 550 делегати на ВМРО-ДПМНЕ, според информациите, ќе бидат сместени во околните градови – Струмица, Дојран и Гевгелија, бидејќи во Валандово, општина со помалку од 12 илјади жители, нема хотелско сместување.

Откако Груевски повика на секојдневни протести за притворањата за „крвавиот четврток“ во парламентот, по што набрзо ја најави и својата оставка, ништо друго позначајно не се случува во опозициската партијата. Според партиски извори, ниту раководството ниту партиските функционери не преземаат никакви нови потези, а на чекање се ставени и битните одлуки што се очекува да го дефинираат понатамошниот курс на партијата, меѓудругото, и во однос на новата владејачка гарнитура и на меѓународниот фактор.

Една од првите одлуки што ќе треба да ги донесат новиот лидер и новото раководство, кое тој ќе го назначи, секако е таа за понатамошниот настап на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот. Во изминатите неколку седмици, откако се случија приведувањата за настаните на 27 април и одземањето на имунитетот на шестмина пратеници, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ практикува тивок бојкот на парламентот. Од партијата велат дека засега нема одлука за целосно напуштање на законодавниот дом ниту, пак, одлука како ќе дејствуваат пратениците во периодот што следува.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ веќе ја пропуштија комисиската расправа за амандманите на буџетот за 2018 година, а неизвесно е засега и нивното присуство на пленарната седница што ќе биде допрва закажана. Опозициската пратеничка група, која располага моментно со 44 парламентарци, не се вклучува ниту во комисиската расправа за предлог-законот за употреба на јазиците, иако претходно поднесе повеќе од 80 амандмани за оваа регулатива која е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ, ДУИ и „Алијансата за Албанците“.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопштија вчера дека почнале интензивна комуникација со меѓународниот фактор и со надлежните институции околу судскиот процес за настаните во парламентот по изборот на Талат Џафери за спикер.

„Овие денови имавме интензивни средби со повеќе меѓународни претставници, а воедно и со повеќе лица кои се директно засегнати во овој процес. Во текот на вчерашниот ден го посетивме и народниот правобранител, каде што укажавме на нашето видување за прекршување на сите законски постапки и процедури околу начинот на кој се води истрагата и начинот на кој се спроведуваат сите предистражни постапки околу настаните на 27 април“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Манојлоски.

Тој соопшти дека вчера е реализирана средба со политичкиот претставник за правни работи на ОБСЕ, Џеф Били, на кого му биле пренесени забелешките околу, како што рече, кршењето на човековите права на сите лица што се засегнати и обвинети за настаните во Собранието.

Од тоа дали опозицијата ќе донесе одлука за бојкот на парламентот или, сепак, ќе се вклучи во тамошните активности, зависи и како понатаму ќе се постават пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во однос на реформските закони што претстојат, а за кои премиерот Зоран Заев, како и меѓународната заедница, инсистира на вклученост на сите релевантни политички фактори. Иако ВМРО-ДПМНЕ искажа првично подготвеност да учествува во имплементацијата на планот 3-6-9, по неодамнешните приведувања, од партијата најавија дека најавената поддршка може да биде доведена во прашање. Секако, можеби едно од најважните прашања е како новата опозиција ќе се постави во однос на интензивирањето на преговорите за спорот за името и кон политиките на Владата во насока на интегрирање во евроатлантските структури, за што се очекува активирање на сите домашни политички фактори.

Александра М. Митевска