Малески: Со договорот за името стануваме сојузници со Грција


Никому не му е пријатно од промената на името, но од таа емотивна ситуација треба да се извлечеме свесно и да тргнеме во една нова ера за поубава и просперитетна земја. Од таа убавина ќе се компензира тоа што сега го дадовме под концесија.

Ова го изјави универзитетскиот професор и прв министер за надворешни работи на Македонија Денко Малески во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

– Ние со овој договор стануваме сојузници со Грција, ги оставаме историските проблеми на страна и тргнуваме во една нова неизвесност, меѓутоа која е врзана за европската перспектива на Балканот. Конкретно за договорот јас лично мислев дека ние со нашата политика во првите децении, обидот да се избегнат обврските од времената спогодба да се најде решение за името преку добивање на признанија од држави под уставното име, а во вториот период преку градење на новиот македонски идентитет, преку поставување на темелите на тој идентитет во грчката историја и култура, се доведовме во таква невозможна ситуација, влеговме толку длабоко во „непријателска територија“ што навистина ми беше страв дали ќе се извлечеме живи. Сега гледам дека се извлековме живи, рече Малески.

Тој посочи дека не верувал оти Грците ќе се согласат на употребата на името „Macedonian language“ и „Macedonian“ како одредница за нацијата, односно за луѓето кои живеат на територијата на идна Северна Македонија.

– Просто не верував, мислев дека тие ќе инсистираат на латинична варијанта на македонски (makedonski) и Македонци (Makedonci) што ќе внесеше прилично немир кај нас и сериозно ќе го растресеше нашиот идентитет. Според тоа, големата отстапка беше да се направи промена на уставното име, вели Малески.

Прашан што значат според него уставните измени на кои се согласи Македонија за промена на уставното име, Малески рече дека никому не му е пријатно од оваа ситуација во која се најдовме.

– Никој не легна спокојно таа вечер кога премиерот кажа едно име кое за некои може да делува студено, за друго може да делува како повик за нови поделби и поим на поделеност итн. Тоа е една емотивна ситуација којашто ќе мораме да ја надминеме свесни, а за тоа разумот ни помага, дека тргаме во една нова фаза, нова ера, каде што ќе можеме оваа наша земја да ја уредиме така за да биде убава, пријатна, просперитетна, безбедна. Од таа убавина ќе излезе и нешто што ќе компензира за ова што сега до даваме како концесија, која во основа е навистина географска одредница, смета Малески.

На прашањето дали постои опасност референдумот да пропадне, Малески рече дека не знае каква ќе биде реакцијата кога ќе дојде време граѓаните да се изјаснат.

– За референдумот неизвесно е од една причина. Народот премногу долго беше изложен на оваа пропаганда која не беше ограничена од ништо во овие десет години, тоа беше наложена директно, така да речам државна политика. Цела една генерација расте под тоа влијание и навистина не би знаел да кажам каква ќе биде реакцијата во моментот кога ќе дојде време да се изјаснат граѓаните, вели Денко Малески во интервјуто.