Македонците најмногу јадат леб и пијат газирани сокови


Леб, компири, ориз, пилешко месо зелка, пиперки, јаболки и лубеници се меѓу производите што годишно најмногу ги конзумираат граѓаните во Македонија.
Статистиката покажува дека просечно еден граѓанин во Македонија јаде 70 килограми леб, 29,9 килограми компир, девет килограми пилешко месо, 7,3 килограми ориз, 13,1 килограми јаболки, 10,5 килограми лубеница, 11,5 килограми зелка, 19,7 килограми пиперки и 14 килограми домати.
Македонците, покажува анкетата на статистика, јаделе 5,4 килограми макарони, и 182 јајца во годината.
Од морската храна најмногу јадат ослиќ 4,3 килограми, свежа пастрмка 0,6, и свеж крап и црвеноперка по 0,2 килограми. Сардини во зејтин конзумират просечно по 0,3 килограми, а туна 0,4 килограми.
Според анкетата, граѓаните воопшто не конзумираат тестенини во сос, говедска печеница, замрзнато овошје, ананас во конзерва и компот.
Сирење јадат просечно по 6,7 килограми годишно. Македонскиот граѓанин пие млеко во тетрапак годишно 24,3 литри, јогурт 13,8 литри, кисело млеко пет, кисела павлака 1,5, овошен јогурт 0,3, урда и кашкавал по три килограми и топено сирење 0,3 килограми.
Македонците најмногу пијат газиран сок
Меѓу пијалоците предничат газираните сокови. Просечно годишно еден македонски граѓанин пие 23,9 литри газиран сок, 19,4 литри минерална вода, 9,4 литри пиво, 5,5 кашести овошни сокови, 1,9 литри вино, 0,7 литри природна ракија. Најмалку или воопшто според анкетата не се конзумира ликер и шток.
Пушат 40 кутии цигари
Пушачите во текот на годината просечно пушат 40 кутии, а кафе еден граѓанин троши просечно 2,3 килограми. Чоколадо годишно јадат 1,1 килограм.
Просечната заработка во ноември изнесувала 23.229 денари
Просечната плата во Македонија во ноември годинава изнесувала 23.229 денари, а во третиот квартал од годинава имало 7.568 слободни работни места.
Во текот на годинава што изминува во театрите имало 238.200 посетители на претставите.