Македонска кошничка ги спасува пчелите од изумирање


 

Да се спасат пчелите од изумирање, да се приспособат на климатските промени и да се надмине ставот дека тие служат за да произведуваат мед за луѓето, се целите на компанијата „Маседониан хани“, која со својата иновативна кошничка за пчели „ел хајв“ е европски победник во категоријата климатски промени на Европските стартап-награди за 2017 година. Изумирањето на пчелите е светски проблем, а македонската компанија со својот изум и специфичен начин на пчеларење обезбедува пчели отпорни на климатските промени. Овие инсекти се единствените што стопроцентно ги опрашуваат растенијата, па без нив не би имале ниту овошје, ниту цвеќиња, ниту памук, па и облека, ниту кафе и илјадници други намирници.

Значењето на пчелите за овој свет е огромно, вели Елена Фиданоска од „Маседониан хани“, а заради климатските промени, се наоѓаат во загрозена позиција.

„Во време на климатски и промени во биодиверзитетот, изумирањето на пчелите станува масовно, а секој од нас е должен да преземе нешто. Во таа насока кошницата ‘ел хајв’ работи за благосостојба на пчелите, а нашиот начин на пчеларење не е комерцијален. Во прв ред е заштитата на инсектите и околината, а ако пчелите создадат вишок мед тогаш тоа е награда за нас. На овој начин создаваме генетски материјал на пчели кои покажуваат отпорност на климатските промени“, вели Фиданоска.

Македонската иновација веќе три години се користи во пчеларникот на „Маседониан хани“, на планините меѓу Бистра и Стогово. Кошниците се поставени на надморски висини од 1.100 до 1.600 метри, на 100 километри воздушна линија од Јадранското Море, каде што природата е полна со богата вегетација и медоносни лековити билки, како жалфија, нане, маточина, планински чај. Пчелите се оставени во природа, кошниците не се отвораат постојано, само неколкупати во годината, за да се земе вишокот мед. Фиданоска објаснува дека на инсектите не им додаваат никакви вештачки додатоци, туку ги оставаат самите да се изборат со условите во природата.

„Ние само им помагаме да опстојат. Тие и самите се доволно способни да преживеат, на пример, една пчела може дневно да опраши и до 5.000 цвеќиња“, вели Фиданоска и посочува дека наградата за новата иновативна кошница е потврда дека таа е приспособена на природните потреби на пчелата и воедно ја олеснува работата на пчеларот. Пчелите одгледани во „ел хајв“ стануваат посилни и нивниот генетски материјал им овозможува на идните генерации пчели полесно да се справат со предаторите и климатските промени.

„Маседониан хани“ се национални стартап-победници на натпреварот „Влези во рингот“ организиран од Бизнис стартап-центарот на Машинскиот факултет, во категоријата клима, а сега се закитија и со првата награда на Европските стартап награди за 2017 година. Наградата ќе ја добијат на големата церемонија која ќе се одржи во Софија следниот месец.

Сања Наумовска