Македонија ќе стане членка на НАТО во февруари 2020 година


Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на состанокот за Западен Балкан заедно со шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, ја поздрави  работата што е во тек во Македонија околу имплементирањето на договорот од Преспа порачувајќи дека не очекува како нова триесетта земја членка. Проценките на алијансата се дека Македонија во февруари 2020 година ќе стане членка, а напорите што се прават да се стигне до тоа и да се финализира договорот за името веќе стануваат пример што се посочува на другите земји од Западниот Балкан како начин како треба да се решаваат споровите.

„На крајот на преговорите за приклучување вашето МНР ќе треба да прати писмо со кое ќе потврди дека земјата сака да влезе во алијансата и да стане членка. Но, ќе биде единствената што треба да ни прати два потписа – за Преспанскиот договор и за прием“, изјави висок преставник на алијансата на брифинг за новинарите . Тој го повтори исто така она што дипломати од НАТо го казуваа деновиве од министерскиот состанок во Брисел – дека земјите членки на НАТО имаат доверба во институциите што ја истражуваат одговорноста на поранешните функционери во Македонија, и покрај бегството на Никола Груевски од земјата.

„Немаме причина да се сомневаме во владеењето на правото и дека секој осомничен или обвинет ќе добие фер третман“, кажа високиот претставник на НАТО, без да го спомене Груевски. Според него реформите со владеење на правото во Македонија одат добро и потребна е отчетност во правосудство за да се врати довербата на луѓето кон правниот систем.

Наш известувач од Брисел,

Слободанка Јовановска