Македонија ќе добие излез на море преку каналот Вардар-Морава-Дунав


Грција, Македонија и Србија сакаат да изградат пловен канал што ќе ја поврзува реката Дунав со Егејското и Средоземното Море, кој според грчкиот премиер Алексис Ципрас би можел да ја промени географијата на Балканот, наведува германскиот магазин „Велт“.

Весникот го оценува проектот како сензационален и истакнува дека се бараат инвеститори кои ќе ги преземат високите трошоци за изградба на пловниот коридор чија цел е поврзување на реките Дунав, Морава и Вардар.

Морава.jpg

За грандиозниот проект, кој е вреден 17 милијарди евра, јавува и германската новинарска мрежа Н-ТВ. Во обемната сторија, новинарската мрежа го опишува проектот како амбициозен експеримент на политичарите на Балканот: Грци, Македонци и Срби, сакаат да изградат пловен канал што ќе го поврзува Дунав со  Средоземното Море.

Ветениот проект може засекогаш да го промени целиот регион, се наведува во анализата, со оценка дека тоа е експеримент со историски димензии, чија цел е да даде нов поттик за економската и трговската активност на регионот.