Македонија ја слави поканата за НАТО


Започнуваат прославите во 15 градови низ државата организирани по повод добивањето покана за пристапни преговори за членство на Македонија во НАТО. Музичкиот хепенинг под мотото „Одиме напред, Македонија во ЕУ и НАТО“ го организира Владата, а ќе настапат  40 македонски музички ѕвезди.

Централната забава ќе се одржи во Градскиот парк во Скопје, кај бината Школка каде ќе настапат Кирил Џајковски, Архангел и Quepurdat.

Освен во Скопје, ќе се слави и во Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Охрид, Куманово, Кочани, Кичево, Прилеп, Струга, Струмица, Тетово и Штип, а граѓаните низ Македонија ќе ги забавуваат и Дејан Декс, Дуке Бојаџиев, Горан Кан, Ферус Мустафов, Слаткар, Бени Нон Стоп + Златко Ориѓански, Ерик Фокс, Феки Ферис, Ареа, Кристина Арнаудова, Нокаут, Адријан Гаџа, Владо Јаневски, Лепи Џони, Баклава, Фолтин, Лозано, Дани Димитровска, Елена Ристовска, ДНК….

Премерот Зоран Заев е најавено дека ќе присуствува на прославата во Битола.

-Македонија доби покана да стане членка на НАТО и има датум за преговори со Европската Унија. Се изборивме за сигурна иднина. Доаѓа време на надеж, на победи, на гордост. Време на сигурност и безбедност, се вели во објавената програма на веб-страната на Владата.

Од кабинетот на Заев информираа дека за организацијата на целиот настан ќе бидат обезбедени средства од буџетот, а сумата ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки. За ова опозициската ВМРО ДПМНЕ обвини дека власта крие колку вкупно чини прославата.

„Срамно е Владата да чека да помине прославата па да фингира со суми на пари, бројки и трошоци. СДСМ во 2011 по повод прославата за 20 години од независноста на Македонија бараше одговорност од тогашните владини функционери, иако беа изнесени сите трошоци за прославата, а сега ги крие и хонорарите и сумите што се исплаќаат. Лицемерно и крајно нетранспарентно од страна на СДСМ, велат во ВМРО ДПМНЕ.