Македонија „обезглавена“, одлета целиот државен врв


Македонија вчера остана без ниту еден претставник на државниот врв откако претседателот Ѓорге Иванов отпатува за Монако.
Претходно, премиерот Зоран Заев беше во дводневна посета на Брисел, од каде што замина за Софија, додека собраниската агенда оваа седмица беше сведена на престојот на спикерот Талат Џафери во Вашингтон.
Всушност, во текот на целата седмица владејачката постава во земјава беше преполовена бидејќи секојдневно се менува имињата на министрите и пратениците кои беа на пат. Некои од нив го придружуваа премиерот, некои отпатуваа со Џафери, а други беа на „трети“ дестинации.
Сликите од меѓународна конференција во Бугарија насловена „Посилна регионална интеграција на Балканот“ покажаа дека вчера во Скопје не биле ниту вицепремиерот Кочо Анѓушев и министрите за финансии и за транспорт и врски Тевдовски и Горан Сугарески. Тие го придружувале Заев на овој настан, чиј домаќин е Светската банка. Шефот на дипломатијата, пак, замина вчера од Брисел за Виена, каде што учествува на 24.Министерски совет на ОБСЕ.
На меѓународен форум беше вчера и претседателот Ѓорге Иванов. Тој имал и свое обраќање на 10. Меѓународен форум „Мир и спорт“ во Монако, на кој, како што се соопштува, присуствувале околу 500 претставници од држави од сите континенти, нобеловци, луѓе од спортот, политиката, бизнисот и од невладиниот сектор.
Посетата на Иванов на Монако се совпадна со престојот на првиот парламентарец Џафери во Вашингтон, каде што вчера требаше да учествува на 10. Парламентатрен безбедносен разузнавачки форум. Со тоа државата остана „обезглавена“ во фигуративна смисла на зборот бидејќи шефот на парламентот, според Уставот, го заменува претседателот на државата кога тој е спречен да ја извршува функцијата.
Честите отсуства на Џафери станаа посебно забележителни во последниот период, со оглед на ситуацијата што се создаде во парламентот во врска со одземањето на имунитетот на шестмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. По игра на случајот, Џафери беше во Шведска кога се случија приведувањата за настаните во парламентот на 27 април, а се „погоди“ во САД кога на пратениците им беа одредени мерките притвор и домашен притвор. Првичните реакции на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на овие случувања веќе се одразуваат на собраниската процедура за донесување на буџетот за 2018 година. Матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, по неколку дена пауза од амандманската расправа за буџетот, во последните денови заседава во преполовен состав, со претседавач поставен од Џафери, а откако претседателката на ова тело од редовите на ВМРО-ДПМНЕ неколку дена ги одложуваше седниците.
ВМРО-ДПМНЕ не учествува засега во работата на законодавниот дом, иако партиските тела немаа донесено одлука за излегување од парламентот.
„Сега-засега не учествуваме во работата на Собранието, но нема конечна одлука за бојкот ниту за тоа како ќе постапуваме во наредниот период“, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ располага моментно со 44 гласа во Собранието, со оглед на отсуството на притворените пратеници. По последните случувања, доведена е во прашање и поддршката од опозициските пратеници за реформските закони што ги најавува Владата, а за чие донесување бара вклученост на сите релевантни политички субјекти.
Освен тоа, отежнувачка околност за Џафери е и тоа што сѐ уште нема согласност меѓу пратеничките групи за избор на потпретседатели на парламентот, кои би можеле да ги водат седниците кога спикерот е отсутен. Затоа, во периодите кога Џафери не е во Македонија не се одржуваат пленарни седници, за потоа парламентот да заседава и во саботите, што беше многу ретка практика во изминатите години.
( А.М.М.)