Македонија и Бугарија ќе воведат меѓусебен поевтин роаминг


Бугарската Влада утре се очекува да го одобри предлог-меморандумот за разбирање меѓу Министерството за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Бугарија и Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија за намалување на меѓународните тарифи за роаминг за телекомуникациски услуги, јави БТА.

Бугарскиот министер за транспорт, информатичка технологија и комуникации Ивајло Московски денеска соопшти дека роамингот со Македонија ќе биде укинат за неколку месеци.

Претходно, Московски најави дека со потпишување на меморандумот ќе им биде дадено зелено светло на мобилните оператори за намалување на цените на разговорите, на СМС-пораките и на интернетот во телефонскиот сообраќај меѓу двете земји.

Според него, реално е да се очекува укинување на роамингот меѓу Бугарија и западнобалканските држави за време на нејзиното претседавање со ЕУ во првата половина на 2018 година.