Македонија до Црна Гора на мапата на НАТО


Фотографија со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред мапата на НАТО објави премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил. На сликата се гледа слободното место што треба да го пополни нашата земја.

„Го видовме нашето место на мапата членки на НАТО. Триесетото место е за Македонија. Триесетиот јарбол е за македонското знаме“, напиша Заев на фејсбук.

На прес – конференцијата со Заев, по нивната средба утрово во Брисел, Столтенберг рече дека очекува лидерите на земјите членки на НАТО, на самитот на 11 и 12 јули, да ја поканат Македонија да почне раговори за пристапување во Алијансата. Тој го поздрави договорот меѓу Македонија и Грција, оценувајќи го како огромно постигнување и пример за другите во регионот.

На мапата на НАТО, Македонија ќе биде веднаш до Црна Гора, која е последна нова членка на Алијансата. Црна Гора доби покана за членство на крајот на 2015 година.