„Македонија вработувала“, ама не плаќала придонеси


Ударничкото намалување на невработеноста со проектот „Македонија вработува“ ќе удри по даночните обврзници. Тие, и во овој случај, ќе треба да ја платат цената на политичкиот профит на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ од субвенционираните вработувања во периодот од 2015 до 2017 година. Затоа што за овие работници никој не плаќал придонеси.

Проектот „Македонија вработува“ беше замислен како поддршка од државата за отворање нови работни места, за развој на сопствени бизниси и за намалување на трошоците за работа, со ослободување на плаќање придонеси за нововработените. Тоа беше „мерка што им помага и на старите и на младите да најдат работа“ и „врвен приоритет на Владата“, како што милуваа да ја опишуваат политичките првенци од тоа време. Од Агенцијата за вработување велат дека во двете фази од проектот се реализирани вкупно 22.729 ослободувања од плаќање на придонеси. Агенцијата воопшто не зборува за вработувања.

„’Македонија вработува 1’ и ‘Македонија вработува 2’ не претставуваат проекти (програми) за вработување, туку тие се однесуваат на законски уредено право на ослободување од плаќање придонеси за задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход, што беше уредено со измени и дополнувања на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност од 2015 и 2016 година. Со одредбите од Законот беше предвидена можност работодавачот од приватниот сектор да биде ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход по претходно поднесено барање до Агенцијата и врз основа на претходна проверка на исполнетоста на законски утврдените услови“, ни одговорија од Агенцијата за вработување.

Оттаму уште појаснија дека фирмите имале можност да аплицираат за мерката заклучно со 27 јуни 2017 година, а зависно од категоријата во која спаѓа лицето вработено со ослободување, ослободувањето може да трае: 36 месеци, 60 месеци или до пензионирање.

Од Министерството за труд и социјална политика, пак, потврдија дека на овие осигуреници, за периодот на субвенционирано вработување, не им биле плаќани придонеси.

„За оваа категорија осигуреници воопшто нема уплата на парични средства за придонеси“, велат од Министерството. Стаж им се впишувал, но пари за стажот во ПИОМ не стигнувале.

„Обврските на државата, покрај ослободување од плаќање на придонеси за работодавачот, се состојат и во следното: (1)За работникот за кој се користи оваа мерка за периодот за кој работодавачот користи ослободување од плаќање на придонесот на работникот му се утврдуваат податоци за навршен стаж и му се утврдува плата во висина на просечно исплатена плата; и (2) работникот за кој се користи оваа мерка за периодот за кој работодавачот користи ослободување од плаќање на придонесот, користи здравствено осигурување за себе и за членовите на семејството доколку не се осигурани по друг основ“, објасни Министерството.

И иако добар дел од субвенционираните вработувања биле на работници на кои ова им било прво вработување, законодавецот не предвидел, барем на хартија, да се префрлува дел од придонесот во некое од друштвата од вториот столб.

„Во однос на статусот на членство во вториот пензиски столб, за осигурениците за кои се користи ослободување од плаќање на придонесот, со член 118 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, е уредено дека не се задолжителни членови во вториот пензиски столб за периодот за кој има ослободување. Ова од причина што за оваа категорија на осигуреници воопшто нема уплата на парични средства и не постои можност за трансфер на нив во вториот пензиски столб. Имено, со наведената одредба се уредува: „Осигурениците на кои стажот на осигурување им се утврдува согласно со членот 100 ставови (2), (3) и (4) од овој закон, кои се во работен однос или самовработени лица со полно работно време и за кои е утврдено ослободување од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување, согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, не се задолжителни членови во вториот пензиски столб за период за кој е утврдено ослободувањето од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Светска банка во системската дијагностика забележува дека овие две програми се заслужни за околу половина од работните места отворени меѓу јануари 2016 и јуни 2017 година.

„Фактот дека новите работни места се ослободени од социјални придонеси (за здравство и пензии до пет години) има сериозни фискални импликации“, стои во извештајот на Светска банка, каде што се прецизира дека програмата предизвика загуба на приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од околу 15 милиони евра.

Анита Салтировска